Новите 29 заразени од Ковид 19 на 349 тестирања од кои девет во Скопје, шест во Прилеп, еден во Куманово, пет во Тетово и по два во Струга, Велес, Битола и Охрид го вклучија црвениот аларм за тревога дека бројките на заболени повторно почнаа да се зголемуваат.
Според нашите информации, сепак станува збор за нови кластери, а не веќе постоечките и нивните контакти. Меѓу нив е и вработена во магацин во скопски Сарај чија мајка била заразена со корона вирус, па таа заразата ја пренела на уште четворица колеги, кои работеле со неа. Исто така, пред некој ден во Сингелиќ само во едно семејство има 21 носител на опасниот вирус.
„Фокус“ поразговара со директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Арбен Зибери, кој ни кажа дека лошото е тоа што станува збор за нови кластери, а не за веќе постоечките и дека ги има речиси во сите општини во Скопје.
„Се тоа се должи на олабавувањето на мерките, со оглед на тоа што луѓето се опуштија и не внимаваат. Тоа беше и очекувано да се случи. Ние го имавме присутен вирусот во април, зошто не би го имале во мај. Заболени има речиси во сите општини, а мислам дека така ќе продолжи и следниот период – тврди Зибери.
Во однос на Тетово, таму има вкупно четворица позитивни на Ковид 19 во фабрика во Брвеница. Според нашите информации, првата е од 26, додека втората е од 29 април. Првата е веќе излекувана со два негативни бриса, додека за втората вчера е земен прв контролен брис и се чекаат резултати. Од нив, има вкупно 15 контакти, од кои 10 вработени и пет од семејствата.
Исто така, во истата фабрика од 8 мај се потврдени уште двајца носители на вирусот и од нив се вкупно 14 контакти, 12 вработени и две од семејството.
Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција нагласи дека ќе бара продолжување на вонредната состојба, со цел да останат мерките на сила и објасни какви би биле протоколите во случај на одржување на предвремените парламентарни избори.
Ирена Мулачка