Вработен во лабораторијата на Детска клиника позитивен на корона вирус

by Frosina Fakova

Вработен во лобораторијата на Универзитетската клиника за детски болести е позитивен на новиот корона вирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Вработениот е изолиран, а на четворица од вкупно 18 вработени им е препорачана исто така изолација.

Според Филипче за време на работните задачи била користена заштитна опрема, но не се знае како се заразил вработениот. Најмладите пациенти на Инфективната клиника, четиримесечното бебе и две и полгодишното детенце, кои се позитивни на корона вирусот се во стабилна состојба, а како што рече Филипче на бебето му била дадена и поддршка на крвта за зајакнување на неговата тромбоцитна активност.

На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 57 пациенти, седум се на механичка вентилација, а 14 добиваат кислородна поддршка. Во болницата „8-ми Септември“ хоспитализирани се 27 пациенти, од кои шест се на репиратори. Во битолската болница петте хоспитализирани пациенти се во добра состојба, а на тројца веќе ќе им биде земен контролен брис. Во болницата во Штип има осум пациенти, од кои само еден е со средно тешка клиника слика, соопшти министерот.

Денешниот прес Филипче го започна со бројот на оздравени пациенти, кој се искачи на 42.

-Денеска имаме нови 42 лица оздравени од коронавирусот, се надевам дека овој број ќе продолжи брзо да расте. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти (12 од Дебар и 20 од Скопје) кои се лекуваа во домашни услови, рече Филипче.

Во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа 4 пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од Лабуништа, еден пациент од Прилеп и еден од Куманово. Во Болницата „8 септември“ починаа 2 лица, пациент од Велес (67г) и пациент од Куманово (59г).

Поврзани новости