Возможно е да се биде гинеколог и модна икона истовремено, само што денот ми трае повеќе од 24 часа, вели д-р Денис Аљуш

by fokus

Младиот Денис Аљуш, со години наназад модна икона во Малта, и лик кој е доста застапен во тамошните модни магазини, деновиве е актуелен кај нас откако се објави веста дека ќе биде нашиот претставник на изборот Мистер Супернационал 2021, кој ќе се одржи во Полска, во септември.

За 32-годишниот скопјанец, кој потекнува од семејство со мајка Македонка и татко Турчин, и кој уште од мали нозе подеднакво беше заинтересиран за модата и за медицината, пишувавме уште пред повеќе од десет години. Беше тоа во времето кога тој со својата амбициозност и упорност се трудеше да си го пробие патот и да ги оствари животните соништа.

Денес, веќе е успешен човек, со завршени магистерски студии на наука во областа на гинекологија и акушерство на Универзитетот во Малта, сопственик на модниот бренд Denis Aljush Couture, со низа на популарни и продавани колекции, и редовен лик на сите значајни модни случувања ширум Европа. Вели дека не заборава кој го поддржал на почеток, и благодарен е што пишувавме за него уште на самиот старт на неговата модна кариера.

-Во моментот имам две професии, ги завршив магистерските студии на наука во областа на гинекологија и акушерство на еден од најдобрите универзитети во Малта, истовремено сум моден директор на брендот Denis Aljush Couture. За да се биде успешен во две професии, треба да се биде спремен на фактот дека вашиот ден ќе трае повеќе од 24 часа. Но, кога нешто навистина се сака, не постои невозможното. Секој може да си го направи сонот реалност – раскажува Аљуш.

Вели дека во Малта дошол пред повеќе години, како човек во туѓа држава кој никого не познава, со малку пари во џебот, немајќи идеја што може да му се случува таму. Сепак, со голема посветеност и јасно зацртана цел, си го остварил сонот.

-Имав многу препреки, но со многу труд јас во моментот сум помеѓу најпопуларните овде во шоу бизнисот, и според овдешните критичари, најубаво облечен маж на островот.
Сум полнел насловни страници, учествувам на модни недели, на многу модни ТВ настани… Сето тоа, тој начин на живот, некако ме одвикна од случувањата во Македонија, па се изненадив кога изминатите денови прочитав дека во одредени портали во Македонија пишуваат за мене со навреди и смешни објави. Не ме допира тоа, имам исполнет живот овде и навистина немам време да појаснувам и да ја докажувам мојата, односно вредноста на мојата работа – вели Денис, во чии приватни албуми изобилува со фотографии од најпрестижните модни настани на кои учествувал – Берлинска модна недела, Кански фестивал, Римска модна недела, Малтешка модна недела, модни настани во Милано и многу други.

Тој зад себе има дипломи од областа на медицината, и се школувал првин во земјава, а потоа во соседна Бугарија и во САД. Кога заминал во Малта, веќе ја имал титулата Доктор на медицина, а таму продолжил со своето образование од областа на гинекологијата и акушерството, а истовремено и со проектите од областа на модата.

-Додека градев кариера на професионален модел и фотомодел, ја создадов едната од најпопуларните блог страници овде. Тоа ми овозможи да станам дел од Милано и Њујоршката модна недела, станав член на Малтешката модна недела – појаснува.

За изборот за Мистер, вели дека секоја година учествуваат повеќе од 70 земји, а годинава од организацијата дале можност секоја држава која нема национален избор да партиципира во Супер Стар Срч, што е платформа за учество во финалето на изборот. Од над 150 пријавени, тој успеал да влезе во финалето. Секоја недела имале предизвици и натпревари во повеќе категории, интервјуа, кратки филмови и слично, а за целото време можело да се гласа на онлајн платформата на Мис и Мистер Супернационал, следена од над 40 милиони луѓе, а моментално тој бил на шестото место.

-Малта е доста отворена земја, каде без проблем може да се спојат било кои две професии, што е и мојот случај, мода и медицина. Прифатен сум таму без предрасуди, се живее без оптеретувања, се пронајдов таму. Мислев дека и кај нас со тек на време некои работи се искоренети, но од одредени коментари по повод веста за моето учество на изборот за Мистер, гледам дека промените споро доаѓаат. Токму тоа ми е уште една потврда дека не погрешив кога сериозно се посветив на градењето на мојата кариера во Малта – изјави докторот и моден креатор и модел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости