Водици во Тиквешијата: Еден телевизор за Никола од Криволак, два за Никола од Кавадарци

by fokus

 

Никола Весков (29) од селото Криволак, Неготино го фати светиот крст кој што традиционално се фрлаше во реката Вардар кај Пепелишкиот мост. Од вкупно 27 храбри момци кои што влегоа во ледените води на реката, Никола беше најбрзиот. Ова е трет пат како тој успева да го фати крстот на верскиот празник Богојавление во Неготино, а веќе 11 години учествувал на настанот.

Како награда за успехот, тој од градоначалникот Ванчо Апостолов доби на подарок телевизор, икона од МПЦ Свети Атанасиј, и подарок од компанијата ,,Зегин’’, но не беше соопштено за каков подарок се работи.

Во Кавадарци, крстот кој што се фрлаше во реката Луда Мара го фати Никола Мантев (25). Тој на подарок од општината, црквата и компанијата ,,Зегин’’ доби два телевизори.

Лани во тиквешијата, поточно во Кавадарци и Неготино, беа забележани измамници кои што шетаа по домовите носејќи лажен крст, се претставуваа како тие да се среќните кои што го фатиле светиот крст, и собираа пари од граѓаните.

Затоа од црквата ,,Свети Димитрија’’ од Кавадарци апелираа граѓаните да не наседнуваат на такви измами, па кој сака да остави пари до крстот за здравје и среќа, тоа може да го направи во црквата, каде што ќе стои осветениот крст.

Вики Кличнарова

Поврзани новости