Во затворите гласаа и „вип” притворениците и затворениците

by fokus 14:59
14:59

Денеска, за вториот круг на локалните избори, се гласа во сите затвори низ земјава. Излезноста е голема, односно затворениците и притворениците го користат своето право да учествуваат во изборот на идните градоначалници.

Како што неофицијално дознаваме на гласање излегле и “вип” станарите на затворите, односно поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, екс специјалната обвинителка Катица Јанева, како и поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

- Advertisements -

Право на глас имаат вкупно 1.409 затвореници и притвореници, кои гласаат во 14 Казнено – поправни установи. Сите гласачки места во затворите се отворени во 7 часот и таму гласањето ќе трае до 19 часот.

-Гласањето веќе завршува, односно остана да гласаат уште неколку притвореници. Засега се е во најдобар ред, ни изјави Филип Андов, директорот на истражниот затвор “Скопје”.

Тој додава дека право на глас имаат сите притвореници и затвореници кои биле ставени на Избирачкиот список.

Без проблем се одвива и гласањето во најголемиот затвор во земјава “Идризово”.

-Гласањето се одвива во најдобар ред. Очекуваме излезеност над 70%, како и во првиот круг, ни изјави директорот Јовица Стојановиќ, кој додава дека први на избирачкото место биле затвореничките од женското оделение, од кое сите го искористиле своето законско право.

Во затворите, со одлука на ДИК, се гласа на стариот начин, односно без употреба на апаратите за отпечаток со прст. За да гласаат станарите на затворите приложуваат лична карта или домска карта.

Како што појаснуваат од ДИК, овој начин на гласање е утврден во Изборниот Законик, односно е наведено дека лицата кои гласаат ден порано, не гласаат со оставање на отпечаток, поточно не се користат фингерпринтовите.

Поврзани новости