Во светот не се откриени ниту 10% од заболените од Ковид-19, тврдат германски истражувачи

by fokus

Вкупниот број на инфекции со корона вирусот веројатно е драстично повисока одошто тоа го откриваат официјалните податоци на здравствените власти ширум светот, се наведува во нова студија (целата студија на англиски јазик), објави Дојче Веле.

Кристијан Бомер и Себастијан Фолмер од Универзитетот во Гетинген ги анализирале податоци објавени неодамна од Лансет журналот за инфективни болести. Истражувачите ги анализирале проценките за смртноста од корона вирусот и периодот од инфекцијата до смртта за да го проценат квалитетот на официјалните податоци.

Според нив, податоците покажале дека државите откриле, во просек, само околу 6% од сите инфекции со корона вирус. Тие тврдат дека вистинскиот вкупен број на заразени луѓе веројатно веќе достигнал десетици милиони луѓе во светот.

„Овие резултати значат дека владите и носителите на политички одлуки треба многу да внимаваат кога ги интерпретираат бројките заради правење планови“, вели Фолмер, професор за развојна економија на Универзитетот.

„Таквите екстремни разлики во бројот и квалитетот на тестовите спроведени во различни земји значат дека официјалните податоци се во најголем дел неинформативни и не обезбедуваат корисни информации“.

Бомер и Фолмер проценуваат дека на 31 март 2020 година, Германија веројатно веќе имала над 460 илјади заразени. Врз основа на истиот метод, тие пресметуваат дека во САД имало повеќе од 10 милиони, во Шпанија над 5 милиони, во Италија околу 3 милиони и во Велика Британија околу 2 милиони заразени со корона вирус.

На тој ден, Џонс Хопкинс универзитетот пресмета дека во светот имало 900 илјади луѓе позитивни на вирусот.

„Иако според податоците на Џонс Хопкинс во светот на овој датум има помалку од еден милиони заразени, ние проценуваме дека бројката е неколку десетици милиони“, се наведува во студијата.

Поврзани новости