Во Скопје примени нови 23 заболени од Ковид, затворен ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија

by Fokus

Во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа хоспитализирани се 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Од утрово поради намален број на пациенти, затворен е ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија.

Според информациите од Министерството за здравство, на инфективните одделенија во главниот град се лекуваат вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 13 приеми, а се лекуваат вкупно 74 пациенти. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември примени се девет нови пациенти, а се лекуваат вкупно 88 болни. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера е примен еден нов пациент, а на оваа клиника се лекуваат вкупно 92 пациенти.

На Институтот за белодробни заболувања во Козле се лекуваат вкупно пет пациенти, а на Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид-19.
Дома се пуштени 36 оздравени пациенти.

– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, информира Министерството за здравство.

Поврзани новости