ВО СЕНДВИЧОТ Е ВИСТИНАТА

by Фокус

Драган АЛЧИНОВ

Нема да кажам ништо ново кога ќе го потврдам ноторниот факт дека Македонија е поделена како никогаш до сега. Порано поделбите одеа по линиите на припадноста кон политичките партии или по линиите на припадноста кон етничките заедници. Луѓето се делеа според тоа, кој во која партија припаѓа или дали е Македонец или Албанец, Србин или Влав, Бошњак или Ром.

И ако порано луѓето се делеа според надворешните белези, деновиве поделбата оди по една друга линија која длабоко задира во самото битие на човекот- личниот морал и совеста. Ова не е само политичко прашање, туку прашање за најдлабоките стремежи и карактерни особености на личноста. Без разлика што носи иднината, од клучно значење за секој од нас е на која страна е: дали е на страната на оние со развиена совест и високи морални доблести, или е на другата страна.

СУДИР НА ЦИВИЛИЗАЦИИТЕ

Ќе си дозволам да ги генерализирам нештата и да ги опишам двете групи, протестирачите и контрашите. Првите се оние кои се залагаат за правда и владеење на правото, за воспоставување на правна држава, за остварување на власта во рамките на законот и за еднаквост на сите пред законите. Тоа се оние кои се залагаат за силни институции- кои, пак, се клучот за создавање силни држави и силни граѓани.

Од друга страна се оние кои пред камери објаснуваат теории на заговор, а позади камерите единственото нешто за кое тие се грижат и кон кое се стремат е Неговото Височество Сендвичот, како основен постулат на нивното егзистирање, главен мотиватор на секое дејствие и единствена цел на постоењето; и сево ова истовремено- Сендвичот и владее и воспоставува догми и мотивира, но е и цел по себе и за самиот себе.

На страната на протестите е граѓанинот, индивидуата, слободата; на страната на контрашите- народот, колективот, тиранинот. На страната на протестите е крикот за сето она што се нарекува цивилизациски принцип- еднаквост, правда, право, слобода; од спротивната страна е глутницата на гладни сендвичојадачи.

И додека првите објаснуваат како дошле на протест затоа што се изреволтирани од сето она што власта го прави, се повикуваат на Уставот, законите и меѓународните конвенции; другите тврдат како дошле на контрапротест за Македонија цела да биде и Солун да биде главен град.

Првите протестираат против власта која го урна целиот поредок и го редефинираше нормалното, нѐ соголи до гола кожа, против власта која нѐ понижи како никогаш до сега, која ни ги украде дури и сништата. Другите, кутрите, дошле да протестираат против планетарниот заговор против Македонија во кој во некоја чудна констелација на односи свој интерес во распадот на Македонија нашле и западните големи сили и исламските терористи и бегалците на јужната граница и албанските екстремисти и домашните предавници.

И доволно е човек да погледне една слика од протестите и контрапротестите и да заклучи дека над Македонија се случува вистински судир на цивилизациите; или можеби поточно би било да речам дека ова е судир на цивилизацијата со пред-цивилизациската доба. Судир на оние кои се залагаат за повторно воспоставување на барем некакво минимално ниво на нормалност и на оние за кои единствена вистина е сендвичот.

СИМБОЛ НА УГНЕТЕНИТЕ

Деновиве на социјалните мрежи многу се исмевавме со сендвичите кои ДПМНЕ/ГДОМ им ги дели на верните контраши. Како да не може ниту еден собир, митинг, протест или контрапротест да помине без да се влечкаат кутрите ДПМНЕвци од сите краишта на земјава, да се товараат во автобуси и да се услужат со сендвич. Така сендвичот стана политички симбол во Македонија. Симбол на угнетените, обесправените, манипулираните, влечените за уши, уценуваните наши сограѓани кои уредно си чекаат во ред да викнат ,,Уа Зајев’’ и да си го добијат својот сендвич.

Но, не нѐ сфаќајте погрешно. Ние не се исмеваме со сендвичот составен од лепче, салама и кашкавалче; ние се исмеваме со Сендвичот (со големо ,,С’’) како асоцијација на клиентелизмот, односно на чинот на продажба на својата душа и тело на Партијата, а за возврат Партијата ќе обезбеди некаква ситна услуга од типот вработување, субвенција, кредит, ќе ја скине казната или ќе овозможи некакво олеснување во административните постапки.

Се исмеваме со Сендвичот како симбол на трансформацијата на граѓанинот во слеп послушник и дел од толпата кој на команда влегува во автобус, се симнува од автобус, протестира или контрапротестира, брани институции или криминалци, јаде сендвич и си оди дома во состојба на приправност, та во секое време би излегол каде треба и би бранел/напаѓал колку треба.

Се исмеваме со Сендвичот како метод со кој Партијата за ефтини пари купува апсолутна поддршка. И така додека верниот сендвичојадач си го јаде Сендвичот (читај: си зема 200-300 евра плата, неколку стотици евра субвенции, му се отпишува долгот и сл.), сендвичодавачите касираат милиони и милијарди. Таму, меѓу лепчињата на Сендвичот, ДПМНЕвецот ја гледа својата единствена вистина, целта на своето постоење, низ призмата на сендвичот го гледа светот и себеси.

На почетокот на оваа колумна напоменав дека денешната поделба во Македонија оди длабоко во суштината на самата личност. Одлучувачки факт при дилемата: дали ќе се придружите на протестите или контрапротестите е вашата лична склоност. Дали тежнеете кон општото добро или на врвот на вашиот хоризонт е Неговото Височество Сендвичот? Дали сте спремни за саможртва за подобра иднина за сите или единствено се грижите за вашиот стомак?

Поврзани новости