Во само една телевизија се слеале 7.000.000 евра за владина пропаганда

by fokus

Во најомилената телевизија на Владата на Никола Груевски, се слеале 7 милиони евра за закуп на рекламен простор. Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на денешната прес конференција не сакаше да прецизира за која телевизија станува збор и медиумите ги именуваше со шифри.

Како што рече одредени телелвизии со национални концесии биле плаќани многу повеќе од други.

-Особено се нејасни критериумите по кои биле префрлани пари за закуп на простор за реклами кај комерцијалните национални концесионери. Некој ќе рече според рејтингот на телелвизија, но податоците укажуваат дека тоа не е баш така – изјави Бошњаковски.

Дека не постоеле критериумите, појасни тој, покажува фактот дека една телевизија која концесијата ја добива во 2012 година, во втората година од правото да зрачи на национално ниво, почнува од Владата да добива договори во износ од половина милион евра. Наспроти тоа, телевизија што со години работела под национална концесија добила само 22.000 евра.

Индикативно е, рече Бошњаковски, тоа што во само еден ден, на 24ти декември 2008 година, биле префрлени 2.125.000 евра на неколку национални телевизии.

Документите покажуваат дека 15 милиони евра биле потрошени за продукција на кампањи во избрани маркетинг агенции и закуп на огласи во печатени медиуми. 200.000 евра биле потрошени за истражување на јавното мислење, ставка која Владата дополнително ќе ја анализира. За закуп на рекламен простор, пак, отишле 23 милиони евра од буџетот.

Недостатокот на критериуми, рече владиниот портпарол, за распределба на парите на граѓаните постоел и кон регионалните и локалните телевизиски оператори.

-По промената на сопственичката структура во 2013та и 2014та година, овие телевизии одеднаш почнуваат да добиваат значително повисоки суми за закуп на рекламно време. Од 100 евра месечно, сега договори се склучувале на 15.000 евра – посочи тој.

 

Поврзани новости