Во пресрет на преговорите Коѕијас порачува: Другата страна да покаже прагматизам и реализам

by fokus

Решенија се решенијата со компромис, другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение, вели грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас по средбата со генералниот секретар на ОН, а во пресрет на денешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и медијаторот Нимиц.

– Јас велам дека сум ниту оптимист, ниту песимист, но имам волја да најдам решение. А треба и другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение. Решенија се решенијата со компромис. Знам дека многу сили и во двете општества би преферирале решенија по нивна волја, но во меѓународните односи не постојат таков вид решенија, вели Коѕијас, одговарајќи на прашањето колку е оптимист во однос на средбата со Никола Димитров и Метју Нимиц.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на новинарски коментар дека македонската страна тврди дека сме на крајот на патот, шефот на грчката дипломатија, кусо вели дека „не останува ништо друго, освен да го покаже тоа“ за време на преговорите.

Прашан дали од Нимиц очекува да достави синтетичен предлог од сето она што го доставиле двете страни, Коѕијас вели дека Грција го сторила тоа, но останува отворено прашањето со името.

– Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите, вели шефот на грчката дипломатија и објаснува дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.

Никос Коѕијас, во изјавата по средбата со Гутереш ја остави отворена можноста преговорите да бидат само еден, а не два дена како што беше најавено.

Шефот на грчката дипломатија, вчера се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а прашањето за името и преговорите биле една од темите за кои што разговарале.

Поврзани новости