Во последните 30 години државата не инвестирала ниту во една сијалица за споменикот на 12-те ваташки деца, кажа Јанчев

by Фокус

На 16-ти јуни годинава се навршуваат 80 години од ѕверското убиство на 12-те ваташки деца, кои загинаа од раката на бугарскиот фашистички окупатор. По повод одбележувањето на годишнината, на последната седница на Советот на Општина Кавадарци се разговараше околу одлуките за спомен одбележјето, односно околу планираната изградба на спомен соба и подигање на 12 бисти во близина на постоечкиот споменик во Моклиште.

Кавадаречкиот советник Вуко Мелов излезе со прашање околу тоа дали реконструкцијата на споменикот, кој со децении наназад беше оштетен и беше украдена целата бакарна конструкција, е според закон, односно дали имало неправилности и дали биле добиени сите потребни дозволи за извршувањето на реконструкцијата.

Со оглед на тоа што станува збор за споменик кој е прогласен за културно наследство на Македонија, според евиденцијата во Регистарот на културно наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН), тој праша дали има неправилности во делот на реконструкцијата, оти читал дека некои дозволи не биле соодветно добиени.

Како потсетување, пред две години беше повторно изработен и поставен рељефот на споменикот, кој во минатото беше украден дел по дел, а крадците успеале да однесат околу 50 килограми бакар. Првата кражба се случи во 2017 година, кога беа украдени 160 букви од имињата на жртвите и дел од кружната скулптура.

Сторителите започнале да носат парче по парче од рељефот, за да во 2015 година го украдат и последниот дел. Тие до ден денешен не се откриени. На прашањето на Мелов, градоначалникот Митко Јанчев му одговори дека како кавадарчани, прашањето треба да го постават малку поинаку.

-Споменикот е културно наследство на Македонија, значи наследство на државата. Во 2018 година споменикот беше во катастрофална состојба. Дали во последните дваесет или триесет години, некој од државата дошол да види во која состојба е, да го заштити, да инвестира во една сијалица, да го осветли, или на било кој друг начин да реагира? Не, никој!

Во 2018 година општината заедно со тимот од ЈП Комуналец Кавадарци на повеќе од 30.000 метри квадратни направија разеленување, уредување, стази, ставивме тоалети во функција, донесовме вода за уредување на травникот, го осветливме целиот комплекс.

Поставивме рељеф, заедно со Министерството за култура, ни беа одобрени околу 220.000 денари, за да се врати автентичноста на споменикот во делот на бакарниот рељеф кој беше украден. Потоа, по 30 години, не знам како се сетија, дојде инспекција од УЗКН, и рекоа дека не смее да се прави реконструкцијата, бидејќи споменикот е културно наследство на државата.

Им рековме, во ред, го извадивме рељефот кој е монтажен, и го оставивме кај семејствата на убиените деца. Семејствата го вратија назад и кажаа дека ако некому му смета, да се обрати кај нив. Рељефот не го огрдува споменикот, туку прашањето е зошто не бил прашан авторот на споменикот и зошто немало одобрение од УЗКН.

Кажано ни е дека веќе се работи да се добие дозвола од УЗКН за добивање на дозвола за поставување на 12-те бисти, ќе се постават и монтажни објекти, сувенирници, како и спомен соба во чест на убиените деца, со нивни лични предмети обезбедени од нивните семејства-појасни Јанчев.

Потсети дека споменикот во минатото беше доста посетуван, не само од луѓе од Македонија, туку се носеа и ученици на екскурзија од цела Југославија.

-Се ќе биде изградено според закон, да потсетам дека Општина Кавадарци за прв пат од постоењето на споменикот ќе одвои 3.200.000 денари, никој во минатото не одвоил средства за овој споменик, ниту пак државата одвоила – истакна градоначалникот.

Првичната спомен костурница на стреланите 12-те младинци од Ваташа, беше откриена на 11-ти октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. Ја изработи познатиот прилепски вајар Јордан Грабулоски –Грабул.

Кога се случи првата кражба, во 2007 година, неговата сопруга Искра Грабул, која работеше на архитектонското уредување, изјави дека според неа, големата сиромаштија е она што ги натерало крадците да посегнат по споменикот.

-Сето тоа доаѓа од голема сиромаштија, од еден револт кај луѓето кои немаат што да јадат, па мислат зошто таму да стои некое железо кога можат да го украдат и да земат некој денар за да им преживеат децата. Јас нивната логика ја разбирам, меѓутоа, тоа не смее така да остане бидејќи зборува лошо за средината, за негрижата. Никој нема да рече -Види, апаши, туку ќе рече -Не се грижат луѓето – изјави таа по настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости