Во понеделник започнува уништувањето на гранатите на Криволак

by fokus

На 15-ти декември (понеделник) на армискиот полигон Криволак ќе започне уништувањето на артилериските гранати кои беа пронајдени во близина на градскиот стадион во Битола.
Според Министерството за одбрана, уништувањето на 110 тона гранати ќе се случува во фугаси (дупки за уништување на мините) со експлозив.

Освен во понеделник, уништувањето ќе продолжи и на 18-ти, 22-ри и 25-ти декември, а потоа уште четири термини ќе биле одредени во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, во текот на наредната година.

-Процедурата е ваква: се копаат фугаси од страна на армиски инженерци, се поставува соодветен експлозив тротил и соодветна количина согласно процедурите и со активирање на експлозивот истите се уништуваат.

Се користи експлозив тротил кој исто така е во мините кои се уништуваат а кој експлозив се користи и постојано на нашите гаѓања и извежбувања.
Целта на уништувањето во повеќе етапи (значи намалени количини при секое уништување) е токму намалување на опасноста во поглед на загадување и силата на детонацијата-појаснија минатата недела од МО за ,,Фокус” и потенцираа дека уништувањето ќе се врши според критериуми од Елаборат за екологија, и како ќе нема штетност за луѓето и околината.

Жителите на Општина Неготино пак, стравуваат дека и покрај тврдењето од страна на МО дека ќе нема штетност, уништувањето на гранатите ќе им наштети на луѓето и на лозовите насади.

Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Златко Пенков, по најавата дека гранатите ќе бидат уништени на Криволак, јавно побара оставка од градоначалникот Тони Делков, но побара и нов Совет и јавна администрација во градот.

-Сите знаете што се случува последните неколку денови со пронајдените гранати. Зар Неготино треба да биде депонија постојано? Неготино има потреба од нова управа, од нов градоначалник, од нов Совет, и има потреба од нова јавна администрација која ќе работи за интересите на граѓаните, а не само за пет лица во општината и за нивните бизниси!-порача Пенков минатата недела од пред општинската зграда.

Вики Клинчарова

Поврзани новости