Во полицијата напредување само со амин на шефовите!

by Фокус

F.RemenskiВо Министерството за внатрешни работи никој не може да напредува ако за тоа не му даде дозвола неговиот раководителот, ова своеволно го воведува Гордана Јанкулоска, обвини денеска Фросина Ременски, претседателка на Комисијата за внатрешни работи на СДСМ.

Потпретседателката на СДСМ тврди дека со телеграма Јанкулоска им укажува на претседателите на Комисиите за распоредување и унапредување во МВР, дека на интерните огласи на Министерството, работникот заедно со пријавата за аплицирање мора да достави и писмена согласност за распоредување или унапредување од раководителот на организациската единица каде работи.

– Ова претставува директно кршење на правата на вработените во МВР и ограничување на законски и уставно загарантираното право на еднаквост и достапност на секое работно место. Замислете ситуацијата кога работникот ќе побара писмена согласност од својот раководител, за да се пријави на интерен оглас за огласеното работното место на неговиот раководителот? Што тогаш? Субјективните чувства на раководителите, налозите од оние кои ги поставиле за раководители и дискреционото право што им се дава да одлучуваат за правата на работниците,  според логиката на Гордана Јанкулоска, ќе станат одлучувачки фактори при давањето писмена согласност на работникот да се јави на интерен оглас – изјави Ременски.

Таа додава дека со оваа телеграма, Гордана Јанкулоска се става над законите и Уставот и воведува нов услов што воопшто не е предвиден во постоечкиот Правилник за системот на кариера на овластените службени лица на МВР, Колективниот договор на МВР и Законот за внатрешни работи.

– Станува збор за произволно толкување на сите овие акти од страна на Јанкулоска. Гордана Јанкулоска по којзнае кој пат покажа дека не ги почитува Уставот и законите, па дури и подзаконските акти коишто самата ги носи – заклучува претседателка на Комисијата за внатрешни работи на СДСМ.

МВР за разлика од СДСМ работи согласно претходно изготвена програма и планови за кои Владата добила поддршка од граѓаните на избори, реагираше полицијата.

– Нивното остварување зависи и од персоналниот капацитет, така што сосема логично е раководителите да направат проценка за персоналот кој им е неопходен за реализација на зацртаните проекти. За прв пат во историјата на Министерството е воспоставен системот на кариера и резултатите се очигледни за мнозинството граѓани кои ја поддржуваат сегашната политика – се вели во кусата реакција од МВР.

Поврзани новости