Во план било да се барокизира и внатрешноста на ГТЦ по примерот на Виторио Емануел во Милано

by fokus

Проектот за реконструкција на Градскиот трговски центар во барок требало да ја опфати и внатрешноста на објектот, а не само фасадата. Скиците и идејните решенија покажуваат дека освен затворање на трговскиот центар, поставување куполи на покривот, столбови скулптури на надворешноста, во план било на луксузен начин да се обликува и внатрешниот простор. Целиот зафат требало да го смени лицето на ГТЦ и да заличи на познатите трговски центар какви што се Хародс во Лондон и Виторио Емануел во Милано.

Новиот директор на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, вели дека проектот застанал во место затоа што немало буџет да се реализира. Таков зафат би чинел, вели, околу 40 милиони евра, пари кои што претходното раководство не можело да ги обезбеди. А освен тоа и би биле фрлени во вода, затоа што со досегашната работа трговскиот центар никогаш не би ги вратил назад.

-Јас ја наследив касата со нула денари. Немаше ни денар на сметката на ГТЦ. За два и пол месеци успеавме да добиеме позитива затоа што ги наплативме долговите што кон нас ги имаа дел од фирмите за кирија и одржување – вели Трајчевски.

Тој е речиси 18 години вработен во ГТЦ. Го познава трговскиот центар со сите негови недостатоци, но за време на Аго Абазовски, вели, бил „фрлен“ на безначајна позиција во администрацијата. Сега, вели, му е дадена шанса да ги смени работите.

Дека Трајчевски затекнал лоша финансиска состојба во ГТЦ покажува и интересот на Министерството за финансии да ја прочешла документацијата. Два месеци финансов инспектор ги чешлал документите по налог на Владата. Постапката е во рана фаза и не се знае дали е пронајдена некаква незаконитост во управувањето со трговскиот центар.

Сепак индикативно е тоа што сите средства од буџетот се одлевале за јавни набавки поврзани со одржување на објектот, а ГТЦ од друга страна се распаѓа поради запуштеност. Ескалаторите не работат, лифтовите не се технички исправни, а во тоалетите се шири неподнослива реа. Трајчевски вели дека ова се трите точки околу кои ќе се зафати следните месеци, и до крајот на годината ГТЦ треба да добие исправни лифтови и реновирани тоалети.

Со привилегии бизнисмените блиски до ВМРО-ДПМНЕ кои имале дуќани во ГТЦ

Градскиот трговски центар имал ненаплатени побарувања од речиси 90 милиони денари, или речиси еден и пол милиони евра. Дел од овие пари се долгови на фирмите што имаат дуќани во ГТЦ по основ на кирија и давачки за одржување. Трајчевски вели дека повеќето сопственици се бизнисмени блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Овие фирми биле привилегирани и давачките ги плаќале кога сакале.

-Бизнисмени блиски на претходната власт биле толерирани со месеци, за разлика од некои други кои трпеле и рекет. Да им се дозволи неколку месеци да не платат кирија или давачка за одржување не е мала работа. Станува збор за околу 40-50.000 евра – вели тој.

Останатите стопанствениците биле игнорирани од претходното раководство. Трајчевски сака да ги вклучи поактивно во процесот на одлучување. Да привлече нови брендови, а дел од нив веќе покажуваат интерес да отворат дуќан во ГТЦ.

-Стопанственитеи се отворени за соработка. Чувствуваат дека ГТЦ се ослободи, дека повеќе не се под притисок. Разговараме за инвестиции и проширување на нивната работа. До сега ГТЦ како да беше во грч, не мрдаше од мртва точка – вели тој.

Новиот директор има крупни планови за ГТЦ. Планира осветлување на објектот со лед светилки, а на покривот засадување на бонсаи градина, па наместо затворање во барок и куполи, ГТЦ на врвот ќе добие зеленило.

На местото на некогашен „Жито Лукс“ повторно ќе биде отворена пекара. Веќе започна со работа специјализирана слаткара, а во најава е отворање на дуќан за брендирани ташни. Трајчевски размислува и за укинување на тезгите во големите простории, а истите да им се понудат на големите ланци за гардероба.

Дел од новините кои ќе бидат воведени се и веб страна на ГТЦ и присуство на социјалните мрежи. Трајчевски планира и да ја врати автобуската станица под трговскиот центар каде што поминуваат автобуските линии со број 57 и 50. На тој начин, вели, ќе се раздвижи долниот спрат на трговскиот центар со што трговците би биле привлечени да отворат дуќани.

Маја Васева

Поврзани новости