Во петок пресуда за “Змиско око”, обвинетите очекуваат ослободителна пресуда

by fokus

По 13 години судење, случајот „Змиско око“ е пред самиот финиш во прв степен, односно во петок обвинетите ќе ја слушнат пррсудата. Тие очекуваат ослободителна пресуда, и со тоа да стават крај на нивното долгогодишно влечкање по судските лавиринти.

Низ годините, во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето по трет пат почна од почеток, кај судијата Владимир Туфегџиќ.

„Спектакуларното“ апсење на овие луѓе, 72-ца на број, со специјалци вооружени до заби, почна на 18 ноември 2007 година и траеше неколку дена, а тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пред јавноста истакна дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција досега.

Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.

Дека помпезно најавуваниот случај ќе се претвори во дебакл, се виде при донесувањето на првата, првостепена пресуда, на 28 ноември 2008 година. Иако се очекуваше пресудата да го оправда театарот за „најголемиот корупциски случај“, сепак тоа не се случи. Падна обвинувањето дека инкасаторите и контролорите функционирале како организирана злосторничка група, па беа осудени само за злоупотреба на службената положба.

Највисоката досудена казна беше четири години затвор за двајца од обвинетите, една тригодишна казна, осуммина добија по две години затвор, повеќето добија условна казна од две години, а тројца беа ослободени од вина.

И во втората пресуда досудените казни беа речиси идентични како и во претходната. Највисоката казна повторно е четири години, двајца од обвинетите се осудени на три години затвор, седум казни од две години и четири месеци, а останатите условни од по две години.

Но и оваа пресуда издишува како балон по одлуката на Апелациониот суд, донесена на 21 март 2016 година, да ја укине и да го врати случајот на повторно одлучување.

Сега, во петок, се очекува третата првостепена пресуда. Обвинението за овој случај го напиша обвинителката Вилма Русковска.

В.В.

Поврзани новости