Во период на висока загаденост некој намерно ги потпалува скопските контејнери!

by fokus

Статистиките покажуваат зголемена фреквенција на намерно запалени контејнери. Изминативе неколку месеци, често може да се забележат контејнери кои горат, најмногу во централното градско подрачје. Статистиката вели дека во 2016 година се регистрирани 139 запалени контејнери, од кои како намерно запалени се евидентирани вкупно 72. Во последното тромесечие од 2017 година од страна на противпожарната единица на Град Скопје извршени се 48 интервенции, од кои како намерно палење запишани се 42 интервенции на контејнери. Во 2018, од вкупно 17 интервенции дури 11 се евидентирани како намерно палење. Притоа, изминативе 4 месеци предизвикана е штета од околу 700 000 денари, односно повеќе од 11илјади вреден имот на граѓаните.

„Изминатиов период забележано е зголемување на бројката на запалени, а воедно и бројката на намерно запалени контејнери, особено во вечерните часови. Има случаи во коишто цел ред контејнери е запален наеднаш. Граѓаните пријавуваат вакви случаи во кол-центарот на телефонскиот број 193, по што Противпожарната единица веднаш реагира, меѓутоа, се предизвикуваат големи штети. Најчести вакви случаи има во централното градско подрачје, каде што е најмала концентрацијата на семејства кои се затоплуваат на дрва, што ја исклучува можноста пожарот да е предизвикан од остатоци од жар“-изјави командирот на БППЗ.

Од Град Скопје изјавуваат дека постојат индиции кои упатуваат на тоа дека несовесни граѓани постојано ги палат контејнерите, а материјалната штета која ја предизвикуваат најчесто е на товар на градот, бидејќи сторителите не се познати.

Од таму додаваат дека комуналните инспектори на градот се на терен и прават се што е во нивна надлежност овој проблем да биде решен.

Надлежните од Градот апелираат до граѓаните да ги пријавуваат сторителите бидејќи контејнерите за смет се опрема која на сите им е потребна, а несовесното однесување треба да биде казнето.

Запалената пластика и смет од контејнерот емитува штетни пм10 честички во воздухот, горејќи пластика, шут, хартија, најлони и сл. што дополнително го зголемува загадувањето на воздухот.

Кој ги пали контејнерите, особено во период на голема загаденост на амбиенталниот воздух? Дали се работи за несовесност на поединци или организирана група граѓани? Ова се прашања на кои институциите дополнително ќе мора да најдат одговори.

Поврзани новости