Во парламентот влегува Поповска со уште 5 нови пратеници

by Фокус

По формирањето на новата влада, во собраниските клупи ќе седнат шестмина нови пратеници, поради тоа што шестима избрани пратеници ќе влезат во извршната власт, па нивната функција во парламентот автоматски прекинува.

Еден од новите пратеници е претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, која на последните парламентарни избори беше на 11-тото место на пратеничката листа во првата изборна единица, на која коалицијата на СДСМ освои 10 пратенички мандати.

Но, со тоа што вториот и третиот на листата, Дамјан Манчевски и Рената Десковска, влегуваат во извршната власт како министри за транспорт и врски, односно за образование и наука, во парламентот влегуваат следните на листата, а тоа се Попоска и Никица Корубин од ЛДП.

Од оваа партија уште пратеник е и Маја Морачанин, која беше на четврто место на пратеничката листа во втората изборна единица, предводена од Оливер Спасовски, така што сега ДОМ има двајца пратеници во рамки на парламентарното мнозинство од 62 пратеници.

Со оглед на тоа што и Спасовски ќе биде дел од извршната власт како министер за внатрешни работи, од листата во „двојката“ нов пратеник ќе стане деветиот на листата – Мирослав Јовановиќ.

Носителот на листата во третата ИЕ, Љупчо Николовски, пак, ќе биде старо-нов министер за земјоделство, а нов пратеник од оваа листа ќе биде Славица Шуманска – Митева.

Имајќи во предвид дека новиот премиер Зоран Заев ја предводеше пратеничката листа во четвртата ИЕ, и тука се ослобидува место за нов пратеник, при што прв на листата за влез е Сашко Атанасов.

Нов министер за одбрана ќе биде Радмила Шекеринска, која на изборите беше носител на листа во петтата ИЕ, па нов пратеник од оваа изборна област ќе стане Бети Рабаџиевска – Наумовска.

Од листата во шестата изборна единица, која ја предводеше Петре Шилегов, никој не заминува во извршната власт, па следствено на тоа, не се отвара место за нов пратеник.

В.С.

Поврзани новости