Во Охрид се сними празнично шоу: Светот ќе дочека Нова година со македонски фолкери!

by fokus

Светот ќе има можност да ја дочека Новата година со шоуто на најголемите македонски фолк пејачи. Новогодишната програма за најлудата ноќ деновиве се сними во студиото на ИН продукција, а преку австралиската ИН ТВ ќе се емитува во целиот свет.

Ване Петкоски, продуцент во ИН ТВ вели дека годинава го снимиле најдоброто Новогодишно шоу досега, со над 70 пејачи. И покрај тоа што студиото е сместено во Охрид, речиси сите поканети гости дошле на снимањето.

„Новогодишното шоу на ИН ТВ ќе се гледа низ целиот свет, во Европа, Канада, Америка… Снимавме два дена, учествуваа сите големи имиња од фолк сцената во земјава. Атмосферата беше еуфорична, фолкерите знаат како да се забавуваат, но и да го расположат народот. Сузана Гавазова, Елена Велевска, Марјан Коцев, Даниела Темелковска, Анета Арсовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Татијана Стефановска, Андреналин Бенд и многу други се дел од учесниците во програмата“ – раскажува Петкоски.

Тој додава дека цел му е во Новата година да се влезе со добро расположение, со весели песни, и да се заборави на секојдневните грижи.

Сеуште не е познато каква програма ќе понудат националните телевизии за Новогодишната ноќ, и дали ќе се снимаат празнични шоу програми со македонските музички ѕвезди.

Лани, поради забраната за емитување на македонска музика од страна на ЗАМП, поради тогашните недоразбирања помеѓу Министерство за култура и ЗАМП, единствено ИН ТВ снимија Новогодишна програма, во која учествуваа околу педесет пејачи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости