Во Нова Градишка споменик за Тоше – трагедијата нѝ остави непрекината поврзаност

by fokus

Денес во 17 часот на шеталиштето „Новоградишки куриозитети” во Нова Градишка, Хрватска, ќе биде откриен споменик на легендарниот Тоше Проески.

Камената статуа на музичарот е дело на скулпторот Славко Буниќ, а идејата Тоше да добие споменик во Нова Градишка била на Ѓуро Хорват, директор на хрватската компанија „Техникс“, која соработувала со македонски претпријатија.

Томе Христоски, градоначалник на Крушево, родниот град на Проески, веќе е во Нова Градишка, каде ќе присуствува на откривањето на споменикот заедно со тамошниот градоначалник Винко Гргиќ и нашиот амбасадор Милаим Фетаи.

Синоќа во Нова Градишка се одржала вечер посветена на Тоше, на која се изведувале неговите песни. На 16-ти октомври пак, кога се одбележаа 14 години од неговата смрт, голем број на негови почитувачи од Нова Градишка положиле венец и ги евоцирале спомените за младиот пејач кој ги поврзуваше народите со својата музика и хуманост.

Како потсетување, Тоше загина во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, и од тогаш секоја година од таму започнува ултрамаратон во негова чест кој завршува во Крушево.

Тамошниот градоначалник Гргиќ, на официјалната страница објави дека трагедијата оставила непрекинлива поврзаност помеѓу Нова Градишка и Крушево.

Вики Клинчарова

Поврзани новости