Во Неготино наградена највозрасната читателка во библиотеката, Санда Давчева: Во младост читав љубовни романи, а на 74 години свртев на трилери!

by Fokus
Локалната библиотека ,,Страшо Пинџур’’ од Неготино денес по петти пат ги додели наградите за најчитатели на годината. Дипломите и пригодните награди им беа доделени на читатели од две категории, односно на четворица возрасни и на пет ученици.

Највозрасната наградена читателка е Санда Давчева, која вели дека и покрај тоа што има 74 години, не се откажува од задоволството кое и го носи читањето на добра литература.

,,Презадоволна сум од ова признание! Уште од кога ги научив буквите, јас постојано читам. Ако во минатото сум читала љубовни романи, сега, во овие години сум свртена кон трилерите. Значи, секоја недела си земам по една книга, ако не можам да одолеам на темата, се случува да ја прочитам за три дена. Најчесто се тоа книги од по 300 до 400 страници, па штом завршам една, јас веднаш одам по друга книга во библиотеката. Некогаш земам и по две книги одеднаш’’- раскажува пензионерката Давчева.

Таа додава дека секогаш има време за домашните обврски и за читањето, но и за пешачење, а и гледање на ТВ серии.

,,Книгата ја земам по тринаесет часот, односно после ручекот. Со сопругот имаме навика веднаш по ручекот да си прилегнеме и да одмориме, а мене најголем одмор ми е тој, со добра литература во рака. Читам до кај 16 часот, а потоа со пријателки пешачам. Тоа ми е секојдневна рутина. А дури и кога пешачиме, јас на пријателките, се случува да им раскажувам што сум прочитала. Понекогаш читам и навечер, зависи од тоа колку ми е интересна започнатата книга, па сакам што побргу да ги дознаам случувањата на главните јунаци’’ – вели Санда, која завршила Педагошка академија и во минатото работела две години како учителка во основно училиште во село Дисан, а потоа и како архивар во винарската визба ,,Повардарие’’.

Околу тоа што најчесто поголем број од жените на нејзина возраст претпочитаат гледање на турски серии, наместо читање на книги, додава дека и таа е љубител на сериите, но книгите и се пред телевизијата.

,,Гледам по две серии на телевизија секој ден. Повеќе од две, и да сакам, не можам. Доволно ми се. Знам дека има пензионерки кои ги гледаат дури и репризите на сериите, но мене читањето ми е најголемо задоволство во животот’’ – изјави Давчева.

Директорката на библиотеката, Катерина Данаилова вели дека е среќна што имаат членови од сите возрасти, и истовремено горда што бројот на читатели секојдневно им е во пораст.

,,Доделувањето на овие награди е поттик и промоција на читањето и културата на читање кое денес е во игра со конкуренција, како што се електронските медиуми и социјалните мрежи, кои се реални голтачи на времето на младите луѓе во ова современо време на живеење. Бројот на членови на нашата библиотека кој во континуитет расте е доказ дека ваквите настани со кој се промовира нашата институција и читањето како дел од култура и начин на живеење, се успешна алатка за зачувување на вистинските вредности во нашето општество’’ – изјави директорката.

Покрај Давчева, помеѓу наградените во категоријата возрасни се и Маргарита Пиштолова, која воедно доби и благодарница за поттик и развој на читателската култура, Арсова Магдалена и Младенова Гордана. Во категоријата на ученици, награди добија Христина Камендолиева, Виктор и Христијан Пановски, Мишкова Драгана и Екатерина Хаџиска. Наградите на најчитателите им ги врачи градоначалникот Тони Делков.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости