ВО НЕГОТИНО „ЛЕТААТ“ КАНДЕЛАБРИ, ПОЛИЦИЈАТА ГЛУВА

by fokus

Во неделата наутро, неготинчани ги дочека чуден призор во центарот на градот, на главната улица ,,Маршал Тито,, наспроти плоштадот, каде што како сведок на пребрзо возење стоеше откорната канделабра. Според МВР, во раните утрински часови се случила сообраќајна незгода во која што возило од марката Рено Меган управувано од лице родено 1994 година, удрило во уличната светлика. Притоа, сопатничката на возилото, родена 1993 година се здобила со повреди.

Ова не е прв пат во центарот на Неготино да се случуваат бизарни сообраќајни несреќи. Јавна тајна во градот е дека во текот на целото лето редовно се организираат трки со скутери, но и со моторни возила. Граѓаните реагираат во полициската станица, но трките продолжуваат и никој не ги запира тинејџерите и младинците кои што во стилот на ,,Лудиот Макс,, ги вознемируваат граѓаните во доцните часови.

Жители на зградите покрај градскиот музеј во Неготино, велат дека често пати телефонски се обратиле во Полициската Станица и барале екипи да излезат на терен, бидејќи тинеџери со скутери организираат трки во блиското игралиште и поради буката не е возможно да се спие. Но и покрај одговорот на полицајците дека ќе видат за што станува збор, трките продолжувале.

Исто така, станари во зградите во центарот се жалат на буката поради трките со автомобили кои што се случуваат на улиците ,,Партизанска,, и ,,Маршал Тито,, но полицијата е глува и слепа и тешко дека во тек на ноќта може да се забележи нивно возило на критичните улици.

Сопственичка на апартмани во центарот ни се пожали дека сите гости кои што дошле да преноќат кај неа, се пожалиле на несносната бучава од скутери и автомобили во текот на ноќта, а негативните критики ги постирале на интернет страницата за угостителство и хотелиерство ,,Букинг,,. Исто така, во летнот период, низ градскиот плоштад каде што играат деца, вообичаена слика е да се забележат скутери, чии што сопственици наместо да ги паркираат на соодветно место, ги возат преку плоштадот и ги паркираат веднаш до влезовите на кафулињата, загрозувајќи ја безбедноста на децата и останатите граѓани кои што се движат низ плоштадот.

Во изминативе неколку години, брзото ноќно возење во Неготино однесе три жртви, од кои најмладата имаше петнаесет години и загина при удир во бандера со скутер. Пред неколку години загина младинец  слетувајќи со автомобил во градскиот кеј, а пак пред две години, повторно во центарот на градот загина младо лице, по удар во канделабра со автомобил. Голем е и бројот на сообраќајни незгоди кога млади лица од пребрзо возење удриле во дуќани или пак влетале во нечиј двор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости