Во Москва драматичен пораст на заразени – се оперираат само вакцинирани

by fokus

Во Русија и натаму драматично расте бројот на заразени со Ковид-19,  се регистрираат и повеќе од 13 илјади дневно заболени, а повеќе од една третина се во Москва поради што во градот следните денови се прогласени за неработни. Болниците се полни, а вакцинацијата на вработените е задолжителна.

Властите во Москва воведоа и нови мерки за да ги заштитат пациентите во болниците. Оние кои чекаат операција или други неургентни медицински процедури ќе мора да бидат вакцинирани, а во болница ќе бидат примени со сертификат кој докажува дека имаат примено вакцина.

Итните случаи, заболените од рак и пациентите со болести на крвта ќе примат медицинска нега без оглед на тоа дали се вакцинирани или не.

-Пациентите кои се во болница поради повреди или болести, по дефиниција имаат ослабен имунолошки систем. За овие пациенти, коронавирусот е посебно опасен. Секој ден се транспортираат пациенти од московските клиники во ковид болниците. Пред една недела таквите случаи беа 130 ден, а вчера 200, наведуваат од управата на градот.

Во Москва, каде процентот на вакцинирани е околу 15 отсто, воведена е задолжителна вакцинација на вработените, пред се на оние кои работат во болниците, сообраќајот и местата за забава. Процентот на невакцинирани не смее да премине 40 отсто од вкупно вработените.

Оние кои нема да ги почитуваат мерките ќе бидат казнети, а работодавачот може да не му исплати плата на вработениот кој одбива да се вакцинира, ако квотата не е достигната. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин соопшти дека ситуацијата во престолнината драматично се влошила.

-Најпосле секој може да бира дали ќе се вакцинира или не, дали може да се заштитите себеси или да се надевате дека се ќе биде во ред. Тоа е лична работа, но се додека седите дома или во земјава, истакна Собјанин.

Иако Русија овозможи стабилно снабдување со вакцини, само околу 10 отсто од Русите ги имаат примено двете дози. Во Москва е забележан најголем број на новозаразени досега, со 9.056 позитивни тестови за 24 часа. Воведен е полициски час со кој се забранува работа по 23 часот.

Поврзани новости