Во МНР се прослави 230-годишнината од основањето на американскиот Стејт Департмент

by fokus

Благодарност за клучната поддршка која САД и ја дале на земјата во остварувањето на стратешки цели за полноправно членство во НАТО и Европската Унија изрази денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров во Министерството за надворешни работи каде во присуство на американската амбасадорка Кејт Бернс свечено беше одбележана 230-годишнината од основањето на американскиот Стејт Департмент.

Во своето обраќање тој се осврна на билатералните односи засновани на споделени вредности и стратешко партнерство. Ја истакна значајната улога на колегите од американскиот Стејт Депертмент, кои низ изминативе 25 години ја поддржуваа и помагаа во надминување на предвизиците со кои се соочуваше земјата.

-Имаше моменти кога нашите пријатели и колеги од Стејт департментот играа клучна улога помагајќи ни да ги надминеме пречките на нашиот пат кон градење на посилна земја и општество. Благодарни сме им на САД што беа на наша страна во текот на сите овие години, нагласи Димитров.

Тој го цитираше поранешниот државен секретар, Хенри Кисинџер: „Отсуството на алтернативи неверојатно го прочистува умот“.

-Ова не значи дека во теорија нема алтернативи, но во ситуација кога над 80 отсто од македонската јавност, нашите граѓани се за влез во НАТО, ова значи дека како политички лидери, немаме алтернатива на евро-атлантските интеграции. Остануваме целосно посветени на постигнување на таа цел и се надеваме дека до крајот на оваа година, претпочитаме тоа да се случи на Самитот во Лондон во декември или почетокот на следната година, Република Северна Македонија официјално ќе стане 30-та членка на НАТО. Ова е уште еден заеднички придонес за регионалната стабилност и просперитет. Но, тоа исто така ќе биде дополнителен поттик за зајакнување на нашата одговорност кон нашите граѓани и уште еден потсетник дека просперитетот доаѓа од демократијата и владеењето на правото, со одговорни институции и слободни медиуми, нагласи Димитров.

Тој им изрази благодарност на САД за нивната постојана поддршка до денес помагајќи ѝ на земјата и општеството.

-Демократијата, економскиот раст и образованието се дел од областите каде што ја гледаме успешната примена на програмите за техничката помош на УСАИД во текот на годините, рече Димитров.

Димитров и Бернс отворија  изложба на избрани фотографии кои сведочат за континуираното пријателство меѓу двете земји од воспоставувањето на дипломатските односи до денес.

 Амбасадорката Бернс се заблагодари на министерот Димитров и Министерството за надворешни работи за ко-организацијата на овој настан, истакнувајќи, меѓу другото, дека четвртина столетие на соработка и поддршка од САД е демонстрација на цврстата определба во остварувањето на заедничката визија за безбедна и просперитетна држава.

Поврзани новости