ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА КРЕВЕТ ЗА ТОШЕ

by fokus

Дваесетгодишниот Тоше Јовчески познат како Тоше Врба од Скопје е највисокото момче во земјава и со своите 216 см вели дека животот не му се секогаш лесен. Освен што често пати завршувал со повреди на главата предизвикани од удар во врата, низок плафон, па и во автомобил, тој мака мачел да си најде соодветна облека и обувки. Сакајќи да биде модерен и да не изостанува зад своите врсници, тој морал да бара облека надвор од земјава или пак да оди кај кројач кој што по мерка му шиел фармерки и панталони.

,,Кога во тинејџерските години почнав нагло да растам, сите во семејството бевме изненадени, бидејќи останатите членови се со нормална висина и немаме некој џин во фамилијата. Сега имам 216 см, но лекарите ми кажаа дека во наредните неколку години може да пораснам уште неколку сантиметри. Но висината со себе си носи свои проблеми, одев на физикална терапија поради поместување на пршлените, каде и да се појавам ме гледаат во чудо, дури има и такви кои што сакаат да се фотографираат со мене. Кога треба да се купат обувки, е тогаш дури доаѓа до голема нервоза. Носам број 50, па ретко можам да најдам добар или пак било каков модел на чевли, и тоа само во специјализираната продавница ,,Гуливер,,. За дуксери некако се снаоѓам, но панталоните се приказна за себе. Мора да ми се шијат по мерка. Не знам колкумина во земјава го имаат истиот проблем, знам само дека освен мене, и кошаркарот Предраг Самарџиски е со слична висина, тој има 215 сантиметри, па сигурно и тој се соочува со истите предизвици кога е облеката во прашање,, – вели Тоше, кој што професионално се занимава со кошарка и набргу му завршува договорот со младинци во КК МЗТ Скопје, па планирал да продолжи во првата лига. Во меѓувреме добил и понуда од ПАОК Грција и Тортоса Барселона од Шпанија и размислувал која од понудите да ја прифати. Додава дека во Македонија не би играл, бидејќи смета дека политиката е налезена во спортот. Исто така, тој е волонтер во Црвен Крст на град Скопје и во тимот за одговор при катастрофи, каде што мака мачеле додека да му најдат соодветна опрема.

thumbnail_tose-vrba1

,,Веќе свикнав на потешкотиите во превозот, можам да седам само на совозачко седиште, во двокатните автобуси можам да се возам само на првиот кат, каде и да влегувам морам да наведнам глава, морав дури и да правам кревет по нарачка, бидејќи во стандардните не ме собира. Сеуште немам девојка, а знам и дека потешко ќе ја најдам, бидејќи ретки се девојките со висина која што би ми одговарала мене,, – раскажа Тоше.

Официјално, највисокиот жив човек во светот според Гинис е турчинот Султан Косен со 251 см, а рекордот го држи американецот Роберт Вадлоу кој што починал во 1940 година со 272 см. Највисока жена во светот била Зенг Јинлиан од Кина, која што починала на седумнаесетгодишна возраст со 248 см.

Во Македонија нема официјална листа на највисоки луѓе, но според испитувањата кои што ги правел, Тоше смета тој е највисокото момче во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости