Во Македонија недостасува кадар во делот на машинската и енергетската индустрија

by fokus 12:36
12:36

За пазарот на трудот од средношколскиот кадар во моментов најголема потреба има од заварувачи на метали, аргонски заварувачи, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ машини, бравари, водоинсталатери, електро техничари, хемиски техничари, месари, пекари, ѕидари, фармацевтски техничари, одржувачи на хигиена, кувари, ИТ техничари, медицински техничари, транспортни работници за магацин и друг квалификуван и неквалификуван кадар. Компаниите пројавуваат интерес и за високо стручен кадар, односно машински, електро, технолошки, хемиски и информатички инженери, лабораториски биоинженери, фармацевти.

Ова се податоците според истражувањето во компаниите од машинската и енергетско-електронската индустрија за потребите од квалификуван кадар за пазарот на трудот што го спроведе Центарот за меѓуетничка толеранција во рамки на својата програма за едукации, преквалификација и доживотно учење, во тесна соработка со општината Гази Баба и фондацијата Фридрих Еберт Штифтунг.

- Advertisements -

– Над 650 работници со средно образование, квалификуван кадар, во делот на машинската и енергетска индустрија во моментов се потребни за компаниите што се само во Гази Баба, информира Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција на денешниот прес за одливот на мозоци од земјата под наслов „Туѓината пуста да остане, државата празна ни остана“.

Димовски смета дека долги години во образованието се водела погрешна уписна политика.

– Уписната политика со новиот конкурс на Министерството за образование повторно е истата од пред две, три, четири или пет години. Повторно се форсираат гимназиските паралелки, бројот на ученици таму се зголемува, наместо да се зголемуваат стручните занаети, паралелки што се потребни за компаниите и за пазарот на трудот, вели Димовски.

Директорот на СУГС „ЕМУЦ 8 Септември“, Кенан Асани информира дека лани во училиштето се запишале само 14 деца.

– Првиот чекор што го направивме е стипендирањето, сите компании едногласно стојат позади тоа. Втората карактеристика е што по завршувањето сите ќе бидат вработени, што до сега ниедно училиште не го понудило тоа. Сега е многу модернизирано машинството, се е компјутеризирано, вели директорот.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски ги охрабрува младите кои се уште не одлучиле каде сакаат да го продолжат своето образование, да одберат струка што ќе им донесе знаење и подготвеност, потоа со помош на општината и компаниите, полесно да дојдат до работа соодветна на нивното образование.

Поврзани новости