Во книгата на Коен претседателот Трамп е опишан како расист кој се восхитувал од Путин 

by Fokus

Во својата книга која излегува во продажба во вторник, Мајкл Коен, поранешен личен адвокат на претседателот на САД, меѓудругото раскажува и за воодушевеноста на Доналд Трамп од стилот на владеење на рускиот претседател Владимр Путин и за неговиот потценувачки однос кон малцинствата, посебно Афроамериканците. 

Коен пишува дека причината зошто Трамп се восхитувал од Путин е „поедноставна отколку што сметаат многу критичари“. Според ексадвокатот на претседателот, Трамп бил воодушевен што Путин „ја презел цела земја и управува со неа како со своја лична компанија – во суштина исто како (што Доналд Трамп управува) со Trump Organization

Според Коен уште една причина за восхитот на Трамп од Путин – е љубовта на Трамп кон парите. Американскиот претседател сметал дека рускиот претседател е  најбогатиот човек во светот.  

Авторот укажува на веќе познатото тврдење за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година, кое всушност било засновано на взаемни интереси на Русите и Трамп, на штета на Хилари Клинтон, негова противкандидатка. 

Интересот на Трамп, пред сѐ, бил да изгради „Трамп“ кула во центарот на Москва и да му го подари најубавиот пентхаус на Путин, и со тоа да дојде до парите на руските олигарси. Сето тоа се правело на штета на американските „интереси, па макар тоа да било и вмашеност во изборите, предмет за кој Трамп ниту мува не го лазеше“, пишува Коен. 

Тој наведува дека во 2016 година за време на кампањата, Трамп ги потценувал малцинствата, велејќи за нив „не се мои луѓе“. „Никогаш нема да го добијам гласот на Јужноамериканците. Како црнците, тие се преглупави да гласаат за Трамп“. 

Според книгата Трамп искажувал опсесивна омраза кон Барак Обама, и сметал  дека единствена причина за уписот на експретседателот на САД на Универзитет Колумбија и завршениот Правен факултет на Харвард се „постапките поврзани со позитивната дискриминација“.  

Според Коен, претседателот на САД имал „ниско мислење за сиот црнечки народ“, тврдејќи дека Трамп еднаш за време на брборење за Обама кажал „покажи ми една земја раководена од црнец која не е валкано и неубаво место. Тие сите се како нужници“.  

Книгата открива дека шефот на државата бил запознат дека ја потплаќа порно звездата Сторми Дениелс да молчи за нивните односи. 

Коен работел како адвокат на Трамп од 2007 година. Во 2018 тој е осуден на три години затвор поради избегнување уплата на даноци, нарушени правила за финансирање на предизборна кампања и финансиски малверзации. Моментално казната затвор му е заменета со куќен притвор поради пандемијата на коронавирус.  

Портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекенани, во изјава синоќа ја нападна веродостојноста на авторството на Коен укажувајќи дека “Мајкл Коен е посрамотен прекршител со одземена адвокатска лиценца кој го лажеше Конгресот. Го изгубил целиот кредибилитет и овој негов последен обид да профитира од лаги не е за изненадување,“ јави Вашингтон пост. 

Поврзани новости