Во Кина ќе се тестира вакцина против Ковид-19 во форма на спреј за нос

by fokus

Кинескиот производител на вакцини, билошоката лабораторија „Пекинг Вантаи“ од следниот месец планира да почне големо тестирање на кандидати за вакцина против Ковид-19, што ќе биде во форма на спреј за нос.

Според податоците објавени вчера во кинескиот регистар на клинички испитувања, компанијата има намера да ангажира 40.000 возрасни волонтери за третата фаза од клиничкото испитување.

На возрасните лица во рок од две недели би им се дале две дози од потенцијалната вакцина „Пекинг Вантаи“ или плацебо.

Во регистарот не се наведува во кои земји компанијата ќе го спроведе истражувањето, но се вели дека етичкиот комитет на Филипините ја одобрил студијата, отстранувајќи ги пречките за потенцијално тестирање во оваа земја.

Портпаролот на „Пекинг Вантаи“ изјави дека евиденцијата на регистрацијата не значи дека компанијата и официјално ја почнала третата фаза од клиничкото испитување.

Портпаролот додаде дека компанијата чека дополнителни документи од властите, но не прецизира од кои земји.

Вакцината спреј, како алтернатива на вообичаената инјекција во рака, може да предизвика специфични имунолошки реакции во дишните патишта со имитирање на природна инфекција со респираторен вирус.

Потенцијалната вакцина користи ослабен вирус на грип за пренос на генетски информации за дел од коронавирусот.

Поврзани новости