Во Грција трет ден по ред над 1.000 новозаразени

by fokus

Во Грција веќе трет ден по ред се регистрирани над 1.000 нови случаи на коронавирусот, а во изминатите 24 часа бројката е помала од вчера, односно 1.211 новозаразени, а починаа уште 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Половина од случаите, повторно се во областа Атика (335) и во Солун (275).

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и официјално го соопшти она што претпладнево го најави грчкиот премиер дека градовите Солун, Лариса и Родопи од северниот дел на земјата влегуваат во црвената фаза, што значи дека се затвораат кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите, односно од утре наутро се воведува мини карантин.

Отворени ќе бидат продавниците и училиштата.

Хардаљас рече дека одлуката трите градови од портокалова да преминат во црвена (зголемена опасност) е базирана на податоците и ситуацијата од изминатите денови.

-Во регионалната единица Солун во овој момент има 1.955 случаи и 4.399 блиски контакти кои што се во домашна изолација, а просечната возраст на случаите во изминатите денови се зголеми на 35,5 години. Во исто време во Лариса, во овој момент има 343 активни случаи на просечна возраст од 37 години, а од проверката на контактите произлезе 721 близок контакт. Во Родопи имаме 217 активни случаи, на просечна возраст од 30 години, а блиските контакти се 488, рече Хардаљас и објасни дека просечната возраст како и проверката на контактите покажуваат дека случаите се поврзани со забави, спортски активности и масовни собири.

Поврзани новости