Во голем број општини ќе има и втор круг

by fokus

Во поголемите општини, кои привлекоа најголемо внимание на јавноста во текот на изборната кампања, најверојатно ќе има и втор круг, поради големиот број кандидати во трката. Изборниот законик предвидува исполнување на два критериума за гласањето во една општина да заврши уште во првиот круг.

“Од гласачите кои се регистрирани во избирачкиот список, треба да излезат една третина. На пример, ако во една општина има 30 илјади регистрирани гласачи во избирачкиот список, а една третина го искористиле правото на глас, од оние кои гласале мора да се исполни и вториот критериум, еден кандидат треба да добие 50% од гласовите.” – изјави Аријета Џемаили, ДИК

За изборите да завршат во првиот круг во Град Скопје, во кој на овие избори се регистрирани 461 илјади 652 гласачи, правото на глас треба да го искористат најмалку една третина, или 153 илјади 884 гласачи. Победник во првиот круг може да биде кандидатот кој ја добил волјата на мнозинството гласачи. Во трката за Скопје се вкупно осум кандидати.

Ако во првиот круг на гласање не излезат една третина од гласачите, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина. Ако, пак, во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник не го добие потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Во вториот круг за градоначалник е избиран кандидатот што добил повеќе гласови независно каква е излезноста.

Поврзани новости