Во Франција само со вакцинален сертификат, во кино, ресторан, воз

by Fokus

Рекорден број Французи синоќа се обидоа да резервираат термин за вакцинација против ковид-19, откако претседателот Емануел Макрон објави серија мерки за оние што нема да имаат „здравствена пропусница“.

Обраќајќи ѝ се на нацијата, Макрон објави дека од следниот месец, секој што сака да јаде или да пие во ресторани, да патува со воз или да посети трговски центар, ќе мора да покаже доказ за вакцинација или негативен тест.

Таканаречената „здравствена пропусница“ ќе биде потребна и за присуство на фестивал, театарска претстава или кинопроекција како дел од стратегијата на владата за борба против растечкиот број нови случаи на коронавирусот поврзани со делта-сојот.

-Вакцинацијата не е задолжителна, но ние ќе ја прошириме здравствената картичка до максимум за да поттикнеме што поголем број од вас да се вакцинираат, рече Макрон.

Како што се очекува, оние што не се вакцинирани ќе мора да направат тест за секој оброк или пијалак во ресторанот.

Веб-страницата Доктолиб објави дека биле забележани рекордни 20.000 закажувања во секоја минута во понеделникот вечерта по обраќањето на Макрон. Веб-страницата објави дека вкупно 926.000 луѓе ја резервирале првата доза на вакцината рано наутро во вторникот, што претставува „апсолутен рекорд“, пренесе Франс 24.

Ковид-тестовите, кои во моментов се бесплатни, од септември ќе треба да се плаќаат „за да се охрабри вакцинацијата наместо да се прават многу тестови“, додаде Макрон.

Францускиот претседател најави и задолжителни вакцинации од септември за здравствените работници, работниците во пензионерски домови и други што работат со ранливи лица, во согласност со сличните потези во Грција, Италија и Велика Британија.

Министерот за здравство Оливие Веран рече дека од септември невакцинираниот персонал нема да може да работи и нема да биде платен.

-Нашата земја се соочува со зголемување на епидемијата, во континентална Франција, но и во странство. Ситуацијата е под контрола, но ако не реагираме сега, бројот на случаите значително ќе се зголеми и ќе доведе до зголемување на хоспитализациите, рече Макрон во почетокот на своето обраќање.

Поврзани новости