Во февруари Стразбур ќе ја објави одлуката за аболицијата на екс функционерите на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

На средината на февруари Судот за човекови права во Стразбур ќе ја објави одлуката за аболицијата на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги гонеше СЈО.

Информацијата за ,,Фокус” ја потврдуваат од правниот тим на аболицираните, кои биле известени пред два-три дена за датумот на објавување.

Според процедурата, и двете странки во постапката треба да бидат известени за датумот на објавување на одлуката, а клучната информација да ја дознаат на денот на објавувањето.

Инаку, одлуките на ЕСЧП се објавуваат на неговата интренет страница, што претставува воедно и начин на нивна достава до странките во постапката. Оттука и странките во постапката (било апликантите било државата како странка во постапката пред ЕСЧП) се запознаваат со одлуките на ЕСЧП, со нивната објава на неговата интернет страница во дата базата HUDOC, кога тие стануваат воедно достапни и за целокупната јавност.

Доколку судот во Стразбур одлучил во полза на аболицираните поранешни функционери, тоа значи дека најголемиот дел од предметите кои беа отворени од СЈО ќе пропаднат.

Одбраната на Владата се движи во насока да се докаже дека аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов од старт е ништовна. Односно, дека се повикал на член од Законот за помилување кој со години не постоеше.

-Помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред Судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот нив да ги оцени, упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост, изјавуваше екс министерот за правда Бојан Маричиќ.

Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.

Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.

За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече. Во прилог им оди и тоа што Иванов никогаш не беше кривично гонет за аболицијата, што остава впечаток во Стразбур дека претседателот не постапувал незаконски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости