Американската копнена специјална единица „Зелени беретки“ за првпат во својата историја прими жена, откако Пентагон во 2016 година ги отвори борбените позиции за жени, вклучително и во специјалните операции, објави Њујорк тајмс.
Жената се пријавила во елитната специјална единица во својство на обичен војник, обуката трае отприлика една година.
Таа требала да дипломира во април, но морала да повтори одредени фази пред да го заврши последниот дел, познат како „Робин сејџ“, кога кандидатите се изложени на низа воени тестови во теренски услови клучни за да се стане „Зелена беретка“, јави Њујорк тајмс.
Досега, единствена жена што има поминато слична обука е капетан Кејт Вајлдер во 1980 година, но таа била одбиена бидејќи не успеала да го помине теренскиот дел.
Понатамошната истрага утврдила дека Вајлдер била остранета незаслужно и подоцна и била доделена диплома. Таа сепак не се вклучила во единицата, а ја напуштила армијата во 2003 година во својство на потполковник.