Во ек на пандемија искршено амбулантно возило во Вевчани

by fokus 12:19
12:19

Непознат сторител вчера попладне го каменувал амбулантното возило на Здравствениот дом „Др. Светозар Чочороски“ од Вевчани. Директорот на установата Јован Стојковски оцени дека материјалната штета е мала, но оти чинот е срамен.

– Материјалната штета е мала, но чинот е срамен. Во ек на пандемија кога секојдневно се справуваме со предизвиците и им се помага на пациентите, возилото на Здравствениот дом е каменувано. Претпоствувам дека е некој помлад во пијана состојба, случајот е пријавен во полиција и се надевам ќе го откријат сторителот, изјави Стојковски.

- Advertisements -

Случајот го потврдија и од СВР Охрид, од каде посочуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

– Во полициското одделение Велешта вчера 16:30 часот, пријавено е оштетување на моторно возило на Итната медицинска помош, марка „Лада“, сопственост на Здравствениот дом од Вевчани. Според пријавата, засега непознат сторител скршил три бочни и предно ветробранско стакло од медицинското возило, кое било на паркинг простор пред Здравствениот дом, соопшти СВР Охрид.

Во Здравствениот дом во Вевчани во дневната амбуланта во моментот се лекуваат 40 пациенти позитивни или сомнителни на Ковид 19, додека во амбулантата во Лабуништа, која е под нивна надлежност има 30 пациенти.

Поврзани новости