Во 2027 година Европеец ќе се качи на Месечината?

by fokus

НАСА се подготвува повторно да испрати луѓе на Месечината, но овој пат идејата е тоа да биде на меѓународно ниво, односно „неамериканци“ да зачекорат на Месечината.

– Месечината е огромна, и доколку се усогласиме со сите наши меѓународни партнери, не гледам причина зошто не би сакале да зачекорат на Месечината, изјави првиот човек на НАСА – Џим Бриндестин, на неодамнешниот Светски астронаутски конгрес.

Само 12 луѓе во историјата зачекориле на Месечината и сите од нив се Американци. НАСА во моментов работи на вселенски брод (Орион) и на мала вселенска станица (Гејтвеј), која би кружела околу Месечината. Главниот план е повторно да се испрати човек на Месечината во 2024 година. Тој човек повторно ќе биде Американец, не земајќи ја предвид техничката помош што Европа ја пружи за Орион. Дури по проширувањето на станицата Гејтвеј, „неамериканците“ ќе можат да зачекорат на Месечината.

– Навистина би сакале Европејците да ја посетат Месечината, изјави шефот на Европската вселенска агенција (ЕСА) – Јан Ворнер.

Мисијата во 2024 година ќе биде исклучително американска, а за Европејците се надевам 2027 или 2028 година.

– И Јапонија сака да испрати свои астронаути на Месечината, изјави претседателот на Јапонската вселенска агенција (Јакса), Хироши Јамакава.

Едно е сигурно, доколку Американците сакаат да ја прошират соработката, тие нема да соработуваат со која било држава. Американскиот потпретседател Мајк Пенс неколку пати потенцираше дека САД би сакале да соработуваат само со „слободољубиви држави“. МИА

Поврзани новости