Младата студентка од Скопје, Чарна Невзати ќе биде 16-та убавица која ќе ја претставува Македонија на најстариот и најпрестижен светски избор за убавина, Мис на свет. Во годините наназад, од осамостојувањето, Македонија учествуваше на Мис на свет 15 пати.
За прв пат учествувавме во 1996 година, кога не претстави Вера Мештеровиќ. Потоа следуваше пауза од пет години, за да во 2001 година Македонија повторно се вклучи во настанот, а претставничка ни беше Сандра Спасовска. Наредната 2002 година изборот падна на нејзината сестра Јасна, а во 2003 година тоа беше Марија Васиќ.
Од 2004 до 2015 година македонски претставнички беа Сара Леши, Милена Станивуковиќ, Марија Вегова, Јана Стојановска, Сузана Ал Салкини, Стефани Борсова, Весна Јакимовска, Анета Стојкоска, Кристина Спасеноска, Мартина Димоска, и последната македонска мисица, Емилија Розман.
Ретко која од претставничките и денес е дел од јавната сцена. Вера Мештеровиќ остана популарен лик и заплови во водите на водителството, а се појавува и во музички видео записи на познати пејачи, додека за поголемиот дел од поранешните мисици, јавноста нема слушнато поодамна, односно не се занимаваат со професија која е поврзана со убавина и моделство.
Она по кое е препознатлив изборот Мис на свет е хуманитарниот аспект, односно учесничките учествуваат во добротворни настани и во проекти за добротворна работа.
Победничката на изборот добива бројни бенефиции, можности за патувања ширум светот како амбасадор во добротворни мисии спонзорирани од хуманитарни организации. Исто така, според информации од Мис Планет Интернатионал, изминативе години за победничката има и голема парична награда, околу еден милион долари, за да го претстави својот филантропизам и да ги покрие трошоците на своите патувања во текот на целата година, во земји каде ќе има јавни појавувања и обраќања, како и трошоците од проектот ,,Убавина со цел”.
Инаку, во Македонија прва сопственичка на лиценцата за изборот беше Лидија Велковска, и во нејзина организација се избираа девојките кои ја претставуваа земјата на светскиот избор за убавина.
Домашните избори најчесто поминуваа со скандали, обвинувања и критики, најчесто на сметка на организацијата, па голем број од мисиците се жалеа на непрофесионалност, несоодветни услови, нетранспарентност, но и финансиски недостиг за соодветно претставување. Некои од нив по настанот, јавно раскажуваа дека родителите им ги купиле фустаните со кои се претставиле на изборот, па дури и дека им платиле патни трошоци.
Во последната изјава за ,,Фокус” од пред неколку години, Велковска кажа дека е уморна да гледа како секоја година од домашниот избор за мис се прави циркус и ја прекина комуникацијата со медиумите.
Изборот Мис на свет 2025 ќе се одржи во Индија, на 31-ви мај, а зад лиценцата за Мис на Македонија за Мис на свет стои нов сопственик, Шаќир Села, кој е сопственик и на модната агенција „Даман“ од Истанбул.