Внукот Ферчо открива што се случило со саксофонистот Ферус Мустафов

by fokus

Еден од најпопуларните саксофонисти и кларинетисти во Македонија, Ферус Мустафов (73) се бори за живот.

Веста прво проструи на социјалните мрежи, а потоа ја потврди и неговиот внук Ферчо Мустафов, кој објави апел јавноста да се помоли за него, за да застане на нозе и да оздрави.

До само пред неколку дена, Ферус беше активен во јавноста и на социјалните мрежи. Токму поради тоа, веста дека се бори за живот беше дочекана со многу прашања.

Околу тоа што се случило со легендарниот музичар, за „Фокус” појаснува неговиот внук Ферчо, кој заедно со фамилијата се наоѓа во болницата „8. Септември“ во Скопје.

-Се беше во ред со дедо ми, се беше супер, си функционираше како што треба. За сите нас ова е голем шок. Тој доживеа мозочен удар, и веќе три дена е кома. Она кое сакам да го потенцирам е дека дедо ми примаше терапија, таа му беше препишана како доживотна, но не знаеме зошто, еден лекар му ја тргна терапијата. Откако прекина со таа терапија, еве се случи ова, мозочниот удар.

Неочекувано за сите нас, секако и за неговите обожаватели, бидејќи до пред некој ден го гледаа како без проблем си извршува секојдневни обврски- појаснува внукот.

Додава дека целото семејство е покрај Ферус, кој е хоспитализиран во болницата „8. Септември“ во Скопје, и сите се молат да се разбуди од кома.

Инаку, освен во Македонија, Ферус со децении е популарен и во поранешните Југословенски републики.

Роден е во Штип, во музичко семејство, а кариерата ја започнал уште на свои 17 години. Бил запишан во локално музичко училиште да изучува кларинет и виолина, но на покана на Тома Чрчев заминал на турнеја, по што го прекинал школувањето и започнал со настапи.

Зад себе има десетици музички албуми со инструментална музика, а во регионот го доби епитетот Крал на саксофонот.

Од првиот брак со сопругата Лиле има син и ќерка, а со втората сопруга Јелена ја има ќерката Мелек, која ја доби на 62-годишна возраст.

Неодамна во интервју за „Фокус” раскажа дека има среден семеен живот, и прима мала пензија. Порача дека не е човек кој би седел со скрстени раце, и секогаш оди напред, се снаоѓа и работи за да му овозможи добар живот на семејството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости