ВМРО за кампањата остварила 300.000 евра повисоки приходи од СДСМ

by Фокус

За време на втората половина од изборната кампања, поточно во периодот од 4 до 12 јули, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ на специјално отворената изборна трансакциска сметка собрала 69 донации во вкупен износ од 6,6 милиони денари, покажува официјалниот извештај доставен во надлежните институции.

Станува збор за донации уплатени во еден ден (10 јули) од страна на партиски функционери на СДСМ, БЕСА, ЛДП, НСДП и други коалициски партнери, како и кандидати за пратеници, чиј износ варира од 50 до 180.000 денари.

Притоа, СДСМ пријавила и донации во вкупна вредност од 2 милиони денари од правни лица, меѓутоа, за разлика од претходните, тие не се изразени во парични средства, туку во ствари и услуги.

Најголемата донација од правно лице во вредност од 1,2 милиони денари доаѓа од скопската компанија за угостителство „Форца-Шпед“, по што следуваат компаниите „Адама Билд“, „Три Плус 2019“ и „Бако-Нутс“.

Покрај тоа, најголемата владејачка партија на изборната трансакциска сметка префрлила донации што легнале на редовната партиска сметка во вкупен износ од 5,4 милиони денари.

Имено, се работи за дури 938 донации од физички лица, главно партиски и јавни функционери, кои се уплаќани на редовната партиска сметка од почетокот на годинава до крајот на јуни, а на изборната сметка се префрлени на 10 јули.

На тој начин, социјалдемократите и нивните коалициски партнери собрале донации од вкупно 6,6 милиони денари во парични средства и 2 милиони денари во ствари и услуги. Ако се земе во предвид дека биле пренесени дополнителни 5,4 милиони денари, тогаш вкупните приходи на изборната сметка во втората половина од камопањата изнесувале над 14 милиони денари или 227.000 евра.

Впрочем, тоа е речиси износот што партијата го реализирала за целокупната кампања, ако се има во предвид дека во првата половина од кампањата коалицијата предводена од СДСМ и Зоран Заев примила само две донации од физички лица во вкупна вредност од незначителни 96.000 денари.

Како што веќе објави Фокус, најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, во првите 10 дена од изборната кампања регистрирала донации од вкупно 1,2 милиони денари, собрани од 19 донатори, меѓу кои нема партиски функционери, туку претежно бизнисмени и менаџери во приватни компании.

Воедно, партијата на Христијан Мицкоски на изборната сметка пренела 293 донации во вкупна вредност од 21,5 милиони денари, кои претходно биле уплатени на сметката за редовно партиско функционирање, со што ДПМНЕ во првата половина од кампањата остварила приходи од 24,5 милиони денари или околу 398 илјади евра.

Што се однесува до втората половина од кампањата, ДПМНЕ во новиот донаторски извештај наведува дека на специјалната изборна сметка примила уште 92 донации од физички лица во вкупна вредност 5,5 милиони денари.

Патем, меѓу донаторите се наоѓа и компанијата „ПСД-КОМ ГРУП“ со донација од 300.000 денари, додека од редовната партиска сметка се пренесени дополнителни 40 донации во вкупна вредност од 2,6 милиони денари.

На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ во вториот дел од кампањата собрал донации од вкупно 8,4 милиони денари или над 136.000 евра, па доколку се земат во предвид оние 398 илјади евра од првата половина од кампањата, произлегува дека опозициската партија остварила вкупни приходи од 534.000 евра.

Доколку се направи споредба, испаѓа дека вмровците во текот на изминатава кампања оствариле приходи на изборната сметка во висина од 307.000 евра повеќе од социјалдемократите.

Влатко Стојановски

Поврзани новости