ВМРО и СДСМ ќе добијат по околу 6 и пол милиони денари од гласовите на изборите

by Фокус

Врз основа на освоените гласови на последните парламентарни избори, политичките партии што освоија пратеници во парламентот, но и дел од оние чии гласови не беа доволни за ниту еден пратеник, ќе добијат буџетски надоместок што им следува согласно законот во вкупен износ од 16.873.855 денари или околу 275.000 евра.

Според предлог-одлуката за надоместок на трошоци на учесниците во изборната кампања од чии листи се избрани или не се избрани пратеници во собранието, која е на дневен ред на денешната парламентарна седница, надоместок треба да добијат 6 парламентарни партии или коалиции, како и два вонпарламентарни субјекта.

Како што се наведува во предлог-одлуката, потпишана од пратеници од сите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ треба да добие нешто над 6.800.000 денари, додека СДСМ ќе инкасира нешто над 6.500.000 денари, со оглед дека предизборните коалиции на партиите освоија 454.577, односно 436.981 гласови, кои се множат со 15.

Според овој основ, во партиската каса на ДУИ, пак, треба да се слеат над 1.200.000 денари, имајќи во предвид дека партијата на изборите освои 85.173 гласови, додека на контото на БЕСА треба да легнат над 850.000 денари, ако се знае дека оваа партија освои 57.868 гласови.

Понатаму, освоените гласови на изборите ќе им донесат буџетски средства уште и на Алијансата за Албанците и на ДПА, кои ќе добијат по околу 500.000 денари, а најмалку пари ќе има за вонпарламентарните ВМРО за Македонија (над 350.000 денари) и Левица (над 68.000 денари).

Инаку, овој надоместок за политичките партии и коалиции е утврден со Изборниот законик, според кој право на надоместок од 15 денари по глас имаат учесниците во изборната кампања што освоиле пратеници, ама и оние што не освоиле ниту еден пратеник, доколку освоиле најмалку 1,5 отсто од гласовите од вкупниот број на излезени гласачи.

Дополнително, законот уште предвидува дека овие средства ќе се исплатат најдоцна во рок од 3 месеци по поднесувањето на финансискиот извештајот за изборната кампања, но поради тоа што оваа одлука ја носи парламентот, рокот од три месеци не се испочитува, од причина што се одолговлекуваше изборот на претседател на Законодавниот дом се до крајот на април.

Поради тоа, политичките партии не ја затворија ниту трансакциската сметка, специјално отворена за изборната кампања, во рок од 3 месеци од денот на прогласување на конечните резултати од изборите, бидејќи, како што објави Фокус, Комисијата од нив побарала да ги остават сметките активни се додека не им ги исплати средствата од буџетот за освоените гласови на изборите.

В.С.

Поврзани новости