ВМРО-ДПМНЕ: Заев од пред малку е по втор пат амнестиран политичар

by fokus

Заев од пред малку е по втор пат амнестиран политичар за очигледен криминал! Зоран Заев повторно избега од соочување со правдата и со одговорност за криминално однесување, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако судот на премиерот Зоран Заев му изрече ослободителна пресуда.

„Ослободителната судска пресуда за „Поткуп“ не изненади никого. Јавноста е свесна како работи судството под политички притисок на власта. Беше сосема јасно дека судот нема да собере храброст да му изрече казна на главниот „реформатор“ во правосудството. Беше сосема јасно дека судот ќе подлегне на заканите од Зоран Заев дека би можел да си ги реализира најавите за генерален реизбор на судии, во кои тој како реформатор би носел одлука кој нема да биде реизбран. Бројни се заканите, но и наградите со кои власта ги мотивира или заплашува судиите да работат по нејзин терк“, изјави денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Стоилковски денешната одлука на судот е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Зоран Заев бара поткуп.

„Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Зоран Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице. Денешната пресуда ги покажа двојните аршини по кои работат македонските судови. Пред неполна година, судот во Кавадарци, осуди поранешен градоначалник за поткуп, само и само врз основа на изјава на сведок, изјава кој патем во неколку наврати сведокот ја менуваше. Разликата меѓу двата процеси е во тоа што тука му се суди на лидерот на СДСМ, а во Кавадарци се судеше на функционер на ВМРО- ДПМНЕ“, рече Стоилковски.

ВМРО- ДПМНЕ, додаде тој, веќе кажа дека судските процеси се со веќе познат исход. Според Стоилковски, пресудите се склопуваат од страна на криминалниот картел во власта.

„Не беше потребна голема анализа за да се предвиди каква ќе биде пресудата. Исто како за Поткуп, веќе сите зборуваат за исходот од предметот Тенк и пресудата што треба да биде изречена, иако дури и сведоците на обвинителството сведочеа контра обвинението. Денешната судска пресуда не е правда. Денешната судска пресуда е неправда. Со денешната пресуда на дело се потврди неказнивоста на власта. Пораката што денеска се испрати гласи: Законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција. Пораката што денес се испрати е дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците“, порача тој.

Поврзани новости