ВМРО-ДПМНЕ: Заев на холандска Антура, која денес отвори втор производствен погон, порано им нудеше земјиште за катна гаража

by Фокус

Добро е што СДСМ го овозможи отворањето на вториот погон на фирмата Антура во Кочани, бидејќи оваа фирма веќе имаше лошо искуство со Зоран Заев како градоначалник на општина Струмица, кога наместо земјиште за производствен погон им продаваше земјиште за катна гаража, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во недостаток на идеи и неспособност да донесат странски инвестиции Владата на Заев, Анѓушев и СДСМ повторно се кити со туѓи перја. Инвестицијата на холандската фирма Антура која тие денес ја презентираат како своја, отпочна да работи со првиот погон уште пред три години, после подолг период на преговори за нивно доаѓање во Република Македонија. Впрочем, тие уште од тогаш најавија дека планираат да го прошират своето работење во нашата земја и да отворат дополнителни вработувања. Се надеваме дека ако не може СДСМ да донесе нови странски инвестиции, барем ќе ги задржи постојните кои што ВМРО-ДПМНЕ ги донесе“, се наведува во партиското соопштение.

Инаку, денес беше отворен вториот производствен капацитет на компанијата Антура МК во Кочани. Вкупната инвестиција во досегашниот тек изнесува 15 милиони евра, од кои во прва фаза се 6 милиони евра и во втора се 9 милиони евра. Моментално во Антура МК работат 440 лица, а до 2020 година планирано е бројот на вработени да се искачи на 700 лица.

-Ова не е нова инвестиција којашто првпат дошла од Холандија во Македонија, ова не е прв погон на Антура МК во Кочани, туку е втор, што значи и кажува дека компанијата Антура МК препознала дека во Македонија може да има партнер за развој на својот бизнис. Сакам да ги охрабрам Антура МК и сите останати компании да го препознаат потенцијалот на Владата да им помогне во нивните инвестиции. Една од најважните работи за секој инвеститор е сигурноста за неговиот капитал и предвидливоста. Во таа смисла, инвестиционата поддршка којашто Владата ја прави за сите економски оператори во Република Македонија ја преточивме во закон и Антура МК ќе биде една од првите компании корисници на поволности од овој закон – рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Поврзани новости