ВМРО-ДПМНЕ: Заев може да го одложи пописот за ноември, а изборите да се одржат до средината на октомври

by Fokus

Локалните избори да се одржат во првата половина на месец октомври за да се испочитува Уставот, а она што може да се одложи е пописот, бараат од ВМРО-ДПМНЕ откако премиерот Зоран Заев најави законски измени со кои би се поместиле изборите.

Заев излезе со ваква најава бидејќи, како што посочи, законот предвидува изборите да се одржат до 17 октомври, но ако тоа е така тогаш дел од кампањата, која трае 20 дена, ќе се преклопи со спроведувањето на пописот кој треба да заврши на 30 септември. Премиерот го спомена и 31 октомври како можен датум за избори.

-Се подготвува законско решение кое ќе номинира, како во2004 за 2005 или пролета 2017 за есента 2017, дека градоначалниците и советниците ги извршуваат функциите до изборот на новите затоа што имаме причина за одложувањето, а тоа е секако пописот кој се спроведува во септември. Не сакаме кампањата да се поклопи со пописот и секако причината е пандемијата. Ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17 октомври и имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот доминантно од партиите, ќе се изјаснат сите, е 31 октомври да биде, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече Заев.

Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ реагираат зошто премиерот излегува со датум без да се консултира со другите партии, а бараат и локалните избори да се одржат во предвидениот рок. Ако треба да се одложува нешто тоа да биде пописот – наместо во септември, истиот да се спроведе во ноември.

-Тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии уште еднаш го потврдува фактот дека Заев стравува од одржување на локалните избори, стравува од судот на народот и бара начин истите да ги одложи. Исто така, Уставот е над сè и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Поврзани новости