ВМРО-ДПМНЕ со уцена – нов јавен обвинител на нивен предлог или нема да ги поддржат реформските закони

by fokus

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се закани дека нема да ги поддржи реформските закони ако власта го одбие нивното барање да се избере нов републички јавен обвинител, кој ќе биде предложен од опозицијата. Уцената доаѓа по приведувањето на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени дека го организирале упадот во Собранието.

„Имаме држава во која правото и правната држава се гази и обликува според оние кои раководат со власта. Неправдата не смее да остане неказнета, а криминалните афери се редат. Ако сакаат правна држава и владеење на правото, еве пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ бара Државен јавен обвинител на предлог на опозицијата, што и беше ветување на самата власт. Во една ваква недемократска атмосфера која директно го руши и предизборниот амбиент пратеничката група нема да ги поддржи системските процеси и закони додека власта не се согласи на јавен обвинител на предлог на опозицијата за испитување на сите криминални и корупциски афери. Бараме јавен обвинител на предлог на опозицијата кој вистински ќе се бори против неправдата, криминалот и корупцијата. Еве им шанса да докажат за каква Македонија се борат. Ваков предлог поднесовме во јули 2017-та година. И ваков предлог пред парламентарните избори имаше и сегашната власт“, изјави денеска координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Истовремено, потенцира тој, целосно респектирајќи го процесот, но имајќи во предвид ненормалните околности наметнати од Владата и власта на СДСМ во која се монтираат случаи, сослушуваат пратеници кршат процедури ние го замрзнуваме нашето учество во процесот на Жан Моне, не затоа што не се согласуваме со целите на нашите меѓународни партии, туку затоа што власта создава ненормални околности за работа.

Поврзани новости