ВМРО – ДПМНЕ со предупредување: Министерот Нухиу да не апси по секоја цена, а судот да внимава на одлуките

by fokus 10:42
10:42

ВМРО-ДПМНЕ го предупредува министерот за внатрешни работи Нухиу да не врши притисок на вработените во министерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основ, со цел да добие политички поени во неговата партија и електорат.

Партијата ги повикува институциите да не приведуваат недолжни луѓе, брзајќи да покажат некаков резултат од настаните во четвртокот.

Во текот на вчерашниот ден до партијата, како што стои во соопштението, допреле информации дека приведени се многу луѓе кои не сториле никакво насилство или кривично дело, а полицијата ги привела, држела со часови во полициска станица, а дел од нив добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле кривично дело или насилство.

„Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во парламентот, во народниот парламент, заради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди.

МВР и обвинителството треба да се свесни дека за да приведат некого или изнесат пред суд, треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело.

- Advertisements -

Исто така, ОЈО и судовите не смеат да имаат различни аршини за овие настани од настаните при насилствата врз полицијата направени од шарените платени протестанти минатата година, кои за пари протестираа и вршеа насилство врз македонските полицајци“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека имале информации оти некои лица добиле и притвори заради вербални деликти, а без извршено физичко насилство.

ВМРО-ДПМНЕ апелира до судот да внимаваат при носењето на одлуките, и да се држат исклучиво до фактите и доказите, а да не ги понесува партиската наклонетост кон едни или кон други.

„Потсетуваме дека предизвикувач на овој народен бунт е токму СДС која не само што 60 дена ги игнорираше граѓаните кои масовно, упорно, мирно и демократски протестираа, туку и континуирано ги провоцираа со навреди, погрдни зборови, омаловажувања и конечно со незаконскиот и противиставен обид за избор на претседател на парламентот.

ВМРО-ДПМНЕ континуирано јавно предупредуваше на ризиците од ваквиот однос на СДС и изборната измама со постизборнито носење на тиранската платформа како основа на новата коалиција“, се вели во соопштението.

 

Поврзани новости