ВМРО-ДПМНЕ: Потрчкото на Заев, Пендаровски, се посипа со пепел

by fokus

Стево Пендаровски никако да испадне од сенката на Зоран Заев, а денеска тоа го потврди потпишувајќи го указот на Законот за попис, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Многу добро знае потрчкото на Зоран Заев, Стево Пендаровски дека овој закон за попис и оваа операција, е политичка операција, а не статистичка. Тој пред само еден месец бараше целосен консензус околу Законот за попис и сега самиот тој се посипа со пепел“, стои во партиското соопштение.

Во него се додава дека власта во врска со Законот за попис не прифатила ниту еден амандман на опозицијата.

„На брутален начин се злоупотреби европското знаменце, немаше волја да се воведат терминали за отпечаток од прст, а исто така Стево знае дека нема време да се спроведе овој попис“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата како аспект ја истакнуваат и грижата за здравјето на граѓаните.

„Во време на кризна состојба поради епидемијата со Ковид-19, Стево потпиша указ на Законот за попис. Гледа ли Пендаровски дека десетици држави во Европа ја откажаа оваа статистичка операција?“, се наведува во соопштението во кое се додава дека ВМРО-ДПМНЕ е за попис на населението и домаќинствата, но не преку политичка операција, која, како што велат, нема да ги даде реалните резултати од овој процес.

Поврзани новости