ВМРО-ДПМНЕ: Околу 50 милиони евра годишно е штетата за граѓаните од покачената акциза

by fokus

Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани бидејќи 60 проценти од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил, ова е став на СДСМ, поради кој не го прифаќаат нашиот предлогот за укинување на акцизата на дизелот, со цел намалување на цената на дизелот, велат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Покачувањето на акцизата може не влијае врз функционерите на СДСМ, но исклучително оптоварувачки влијае врз Буџетот на граѓаните. Околу 50 милиони евра годишно е директната штета за граѓаните, земјоделците и стопанството од покачувањето на акцизата на дизелот. Индиректната штета, која резултира со покачување на цените на сите продукти и услуги е уште поголема“, соопштуваат од опозицијата.

Од партијата велат дека додека цените растат, стандардот паѓа и обвинуваат дека просечната плата во февруари е за околу 900 денари пониса од јануарската.

„Државата оди кон банкрот. Јавниот долг на државата ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Државата се задолжува по неколку пати во месецот, а граѓаните не знаат за што и како се трошат нивните пари. Хаосот мора да запре. Република Македонија мора да се врати на вистинскиот пат. Република Македонија заслужува просперитетна иднина, која ќе гарантира силна економија и институции кои ќе бидат сервис на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ги поканува сите обесправени, сите оние разочарани и излажани од Зоран Заев и криминалниот картел кој го води, на голем антивладин собир на 02 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости