ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги повлече амандманите, Џафери ќе мора да бара друго решение за блокадата

by fokus

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека немаат намера да ги повлечат амандманите поднесени за Законот за јазици, кои предизвикаа блокада на Собранието. Според Дафина Стојаноска член на Извршниот Комите на ВМРО-ДПМНЕ  и пратеник, правото за поднесување на 35.000 амандмани им го дава деловникот на Собранието, Уставот и непотпишувањето на законот од страна на претседателот.

-И покрај обидите од владејачкото мнозинство да ги оспори амандманите поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, не може, бидејќи тоа е право на секоја пратеничка група која смета дека законот не е добар и не е во интерес на граѓаните – рече Стојаноска во вечерашното гостување на Македонската телевизија во  емисијата „Акцент“.

Таа потенцираше дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тоа е дека тие немаат ништо против Албанците, но како што рече, сакаат да се унапредат и другите јазици на заедниците, додека овој закон го фаворизира само албанскиот јазик, а со тоа може да ја продлабочи кризата помеѓу граѓаните.

Во меѓувреме претседателот на Собранието, Талат Џафери, решението за конечно донесување на Законот го бара во Уставот и во деловникот.

-Претседателот на Собранието пред себе има Устав и Деловник за работа на Собранието. И тоа значи дека таму е регулирано се. Претседателот на Собранието не мисли за никакви договори, туку спроведува Деловник и Устав, а договорите се работа на политичките партиите – рече Џафери при посетата на општина Тетово.

 

Поврзани новости