ВМРО – ДПМНЕ не знае колку пари собрале за поплавените

by fokus

По поплавите кои пред околу три месеци го погодија Скопскиот регион, ВМРО-ДПМНЕ отвори сметка за донации и ги повика своите членови да донираат за помош на настраданите семејства. Досега во јавноста немаше многу информации за тоа дали собраните пари владејачката партија ги доставила до оштетените , освен поединечни обвинувања по социјалните мрежи дека пари добивале само членови на партијата.

„Фокус“ стапи во контакт со портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, кој немаше многу информации за собраните пари за донации. Изјави дека парите биле донирани на семејствата пред околу три недели. Сепак, рече дека нема информации колку пари биле собрани на сметката на ВМРО-ДПМНЕ и колку вкупно биле донирани на семејствата. Котевски тврдеше дека средствата биле рамномерно распределени на сите семејства кои биле погодени од поплавите.

Несвојствено за начинот на кој партијата ја води својата политика е што чинот на донирање не бил проследен од телевизиски камери, нешто што по поплавите го практикуваше и партискиот лидер кој придружуван од телевизиски екипи одеше низ скопските села делегирајќи им задачи на владините функционери.

Членови на ВМРО-ДПМНЕ уште кога се отвори сметката за донации тврдеа дека на партиските ограноци им било наложувано секој да донира на таа сметка по минимум сто денари. Оние членови кои благодарение на партијата добиле некаква фукнција, требало да донираат повеќе.

Веднаш по поплавите и членот на ГДОМ и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов објави уплатница на која се гледаше дека тој за својата донација за поплавените ја одбрал партиската сметка на владејачката партија, а не сметката на Црвениот крст.

Катерина Смилева

 

Поврзани новости