ВМРО-ДПМНЕ: Над 40 илјади лица останаа без работа, а над 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија

by Fokus

Економијата доживува крах, а народот тоне во сиромаштија. Власта на Заев нема апсолутно никаков план и стратегија да се справи со економските последици од Ковид кризата, велат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Над 40 илјади лица останаа без работа, речиси толку не земаат редовно плата, а над 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Во услови кога не знаат што конкретно и долгорочно да преземат, власта на Заев се подготвува за нов краткорочен поткуп на граѓаните со кој ќе купи еден месец социјален мир и ќе потроши нови милиони евра. Политиката купи ден помини доведе до состојба во Македонија падот на економијата да биде за -12,7 проценти, а јавниот долг да порасне за нови една милијарда евра за само три месеци- велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нема ништо од ветените проекти, велат оттаму, како што беше и викенд без ДДВ, новите странски инвестиции и долгорочната помош на стопанството.

-Со поскапувањето на струјата власта придонесува стандардот на граѓаните стрмоглаво паѓа, а стопанството не гледа излез поради популистичките мерки од кои нема никаков ефект.
Еднократната помош и задолжувањето не се решение, затоа што власта не генерира раст на економијата. Додека народот осиромашува, мафијата на власт се богати. Додека оваа мафија е на власт, нема економски развој- стои во соопштението.

Поврзани новости