ВМРО-ДПМНЕ: Македонија останува надвор од структурите на ЕУ

by fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста го нарече премиерот „товар“ кој ја обременува и влече надолу Република Македонија.

„Државата остана надвор од структурите на ЕУ поради неспособноста на власта. СДСМ во својата изборна програма ветуваше датум за почеток на преговори до крајот на 2017 година и излажа. Зоран Заев лично ветуваше дека мора да се брза со ратификацијата на капитулантскиот договор за промена на името во Собрание, за на самитот на ЕУ на 26 јуни државата да добие зелено светло за безусловно отпочнување на преговори. Заев излажа. Зоран Заев и СДСМ повеќе од една година ги лажат граѓаните. ЕУ јасно порача дека за почеток на преговори единствено клучно е спроведувањето на реформите, а не продажбата на името“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Македонија тапка во место.

Корупцијата е на високо ниво, институциите и судството се партизирани, а криминалот на картелот на власт метастазира. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано. Зоран Заев наместо на реформи и проекти од корист на граѓаните се посвети на продажба на државните интереси. Додека државата пропаѓа на економски план поради неспособноста на власта, Зоран Заев склучува штетни договори, со кои Република Македонија се понижува“, велат од опозицијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија доживува порази, а ниту еден човек не е задоволен. Велат, премиерот Заев прифатил промена на идентитетот и јазикот, со што имало штета на позициите на државата.

Поврзани новости