ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е единствена земја во Европа со политички затвореници

by fokus

Република Македонија е единствена држава во Европа, во која има политички затвореници. Хунтата ги погази законите и правната држава. На удар е секој кој не се согласува со политиките на власта, порачуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму тврдат дека власта во целосно монтиран случај, во кој обвинува за тероризам десетици македонски патриоти, неосновано, како што велат, стави во притвор актери, режисери, уметници, лекари, пратеници и полицајци.

„Хунтата ја има киднапирано целата држава, државниот апарат и трите столба на власта, судството не е поштедено и е под голем притисок на власта. Судовите не судат по закон, туку по диктат. По диктат на хунтата се ослободуваат осудените убијци од Смилковско езеро и се подготвува меѓународна истрага за терористите од „Диво Насеље“, по диктат на истата таа хунта која ослободува од затвор убијци се ставаат во затвор искрени патриоти и политички неистомисленици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека целта е да се втера страв во секој кој размислува поразлично и да се онеспособи опозицијата за непречено да се спроведуваат антидржавните политики.

„На удар на оваа злосторничка хунта е секој еден кој размислува поинаку. На удар и цел на прогон може да биде секој македонски граѓанин. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ова изживување со македонските граѓани да помине неказнето“, посочуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат:

1. Безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон.

2. Итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДСM.

3. Итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека и денеска во 18 часот, ќе се одржи протест пред Министерството за правда.

Поврзани новости